Connect with us

Култура

Комедијата „Секстет“ – нова премиера на Народен театар Битола

Националната установа Народен театар Битола по пауза од 25 години повторно на матичната сцена ја постави претставата „Секстет“ од Марк Камолети, овој пат во режија на Марјан Георгиевски.

На прес – конференција во Битола, директорот на театарот Васко Мавровски, истакна дека последниот водвиљ на нивната сцена бил поставен во 2001 година, и по подолга пауза на публиката и се нудиме нов современ водвиљ од автор кој напишал над 70 водвиљи.

-Ваква претстава подолго време надостигаше во нашиот репертоар. Мислам дека сме на вистинскиот пат со избраниот репертоар, а тоа го потврдуваат бројките според кои во првиот квартал во 2024 година во битолскиот театар имало 5.389 гледачи, а во 2026 година бројот е зголемен за 58 отсто и во првиот квартал од оваа година имаме посета од 8.390 гледачи. Патем бројот на претстави го зголемивме од 31 на 50, што значи интересот на публиката е огромен, посочи Мавровски.

Во изјава за медиумите, режисерот Марјан Георгиевски истакна дека комедијата не се поставува често на театарските сцени затоа што е многу тежок проект со голема динамика и вложен труд.

-За мене беше голем предизвик да се впуштам во еден ваков процес. Уверен сум дека подготвивме претстава во која публиката ќе ужива. Камолети е еден од најпоставуваните автори на водвиљи, дури во 55 држави, сериозен мајстор во пишувањето на комедија. Оваа комедија денес е потребна затоа што секојдневно се случуваат најразлични сериозни работи во светот, живееме во постојани турбуленции, со стрес и други проблеми и затоа добро е што имаме претстава која ќе дозволи да избегнеме од секојдневието, да земеме воздух и да се насмееме, истакна режисерот Георгиевски.

Главната улога во претставата, ликот на Бернар го игра Николче Пројчевски, а заедно со него настапуваат Катерина Аневска Дранговска, Александар Димитровски, Сандра Грибовска Илиевска, Марија Цветановска и Борче Ѓаковски.

За премиерната претстава закажана за 25 април, костимографијата за актерите ја изработи Андреј Георгиевски, сценографијата е на Влатко Чачоровски, музиката ја подготви Александар Димовски, а дизајнот на постерот е на надворешниот соработник Михајло Димитриевски – Тхе Мичо.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1