Connect with us

Вести

Велковски: Во завршна фаза е новиот закон за домување, кој предвидува и можност жртви на семејно насилство да добијат дом додека економски не се стабилизираат

Претставници на надлежни институции, граѓански организации и пратеници денеска се вклучија во надзорната расправа посветена на спроведувањето на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство организирана од собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите. 

Повеќе центри, во кои жртвите на семејно насилство ќе бидат згрижени, овозможување услови за привремени живеалишта за овие жртви и услови тие да станат економски независни за да не се враќаат повторно кај насилникот се дел од укажувањата што беа изнесени на почетокот на надзорната расправа. 

Заменик-министерот за социјална политика и млади Ѓоко Велковски, одговарајќи на прашања од пратенички, рече дека во завршна фаза е новиот закон за домување, во кој, меѓу другото, се предвидува и можност жртвите на семејно насилство да добијат дом додека економски не се стабилизираат. 

Според Велковски, никогаш нема да биде доволен бројот на шелтер-центри во земјата, но дека треба да се разгледа можноста за нов модел, кој ќе им овозможи на жртвите, од една страна, да бидат заштитени, но од друга, да може и слободно да се движат и да ги уживаат сите права како и другите граѓани затоа што во шелтер-центрите жртвите имаат 24-часовна заштита.  

За центрите за социјална заштита, Велковски вели дека ефиканоста е на високо ниво иако потребни се кадровски зајакнувања и дополнителни обуки за вработените. 

Во однос на медиумското известување, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медумски услуги, Зоран Трајчевски, информира дека интересот на новинарите за обуките што ги организира Агенцијата е многу мал. 

– За жал, има многу мала заинтересираност иако обуките ги организираме со нашите стратешки партнери. Има многу мала заинтересираност иако најчесто превозот до Скопје е платен. Едноставно, не се појавуваат на овие обуки – рече Трајчевски. 

Претседателката на Комисијата, Жаклина Пешевска, се надева дека од надзорната расправа ќе произлезат стручни заклучоци, кои ќе треба да ги спроведат надлежните институции. 

Претставници на надлежни институции, граѓански организации и пратеници денеска се вклучија во надзорната расправа посветена на спроведувањето на законите, политиките и институционалните мерки

– Навистина имаме едно обединување буквално на сите инстанции во општеството за оваа сензитивна тема. Тешко е да се одреди приоритет, но првото нешто што би требало да се измени се законските решенија. Измените веќе се почнати, се работат, не само меѓу министерствата, туку вклучени се и граѓанските здруженија, како и добар број експерти. Покрај измените, важно е да ја запознаеме и јавноста, бидејќи можеби ни недостига повеќе информација за тоа кои сè законски решенија ќе се сменат. Мора да се работи паралелно, но многу е важно да видиме и со кои предизвици се соочуваат институциите. Многупати е полесно да се впери прст и да се обвини некого, но кога ќе почнат да објаснуваат со кои предизвици се соочуваат, сфаќаме дека навистина има недостатоци-  некаде во персоналот, некаде во просториите, некаде во локацијата, некаде во обуките итн. – изјави Пешевска пред почетокот на надзорната расправа.

Надзорната расправа продолжува со сведочења од претставници на невладините организации.

Маркетинг
Ad 4
Ad 1