Вести
Македонија ќе го добие првиот факултет за медицински сестри
Факултет за медицински сестри ќе биде отворен во склоп на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола за кој законот е подготвен од пратеници и од Министерството за образование и наука. Министерката Весна Јаневска очекува тој да биде многу бргу усвоен, со што за медицинските сестри, акушерки и физиотерапевти ќе има и академски студии и тие потоа ќе може да продолжат на академски студии од втор и од трет циклус.
Отворањето на факултетот во Битола, каде што со долга традиција постои Високата стручна школа, ќе биде дел од втората фаза на проектот „Зајакнување на образованието и професионалната регулатива за медицински сестри и акушерки во Македонија 2026 – 2028“. Неговата цел е постигнување европски стандарди во едукацијата на медицинските сестри и другиот помошен медицински персонал. Министерката очекува дека со новата образовна институција ќе се профилира кадар што ќе дава подобри здравствени услуги на населението во земјата.
Проектот се спроведува со Република Словенија и со поддршка на странски партнери. Го води Центарот за европска перспектива, официјална институција за имплементација на Словенечката програма за помош, и вклучува експерти од голем број институции, професионални здруженија, факултети за здравствени науки, канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопјe, УНФПА и УНИЦЕФ.
– Во првата фаза од проектот беше направена уницифицирана програма на сите школи и универзитети за медицински сестри во Македонија, за стекнување знаења, вештини и компетенции во корист на сите наши граѓани. Во втората фаза Министерството презема регулатива во новиот законот за високо образование и она што досега го немаше – да се дозволи, односно да се овозможи студентите од стручните школи да преминат во втор и трет циклус. Пратениците во Собранието заедно со МОН подготвија закон за отворање на првиот факултет за медицински сестри во Македонија, кој се надевам дека многу бргу ќе биде усвоен. Сметам дека е апсолутно оправдан тој предлог и дека без проблеми ќе биде прифатлив за сите. Мислам дека денес-утре ќе биде поднесен во собраниска процедура – изјави Јаневска пред почетокот на конференцијата, со која официјално почна втората фаза од проектот.
Посочи дека во ситуација кога има дефицит на медицински сестри во државата, овој проект е „токму во правец не само да добијат компетенции, туку и да се поткрене свеста и да ја сфатат суштината на нивната исклучително значајна струка за помош на населението, но и за развој на државата“.
За решавањето на проблемот со дефицитот на медицински сестри, Јаневска рече дека Министертството за здравство има многу сериозни планови и програми, со кои планира да го надомести недостигот од медицински сестри, но и на доктори во одредени региони на земјата.
– Општо е познато зошто луѓето бараат подобри услови на друго место. Но, оваа Влада во овие две години ги покажа заложбите и во образованието и во здравството, колку многу работиме и колку многу сакаме да им овозможиме соодветни услови за работа, но да им овозможиме и соодветно знаење, а со тоа заеднички да ги задржиме во земјата – рече Јаневска.

Државниот секретар во Министерството за здравство на Словенија, Денис Кордеж, изјави дека поддршката со знаење и експертиза од нивната земја ќе биде добредојдена за Македонија. Посочи дека и Словенија, како и другите земји во ЕУ, се соочува со недостиг од медицински сестри и друг кадар од здравствениот сектор.
– Треба да се направи сè за да се подобри состојбата на работните места и да се уредат компетенциите и некои од нив, она што е можно, да се пренесат од докторите на медицнските сестри. Тоа се предвидува со оваа втора фаза од проектот и тоа се искуствата што ги поминавме во образовниот систем во Словенија. Ние сега, во оваа Влада, направивме национална стратегија за работа со здравствените работници за идните десет години. Поради демографијата и зголемата потреба на луѓето, потребни ни се поголем број сестри и доктори и треба да се направи добар и стабилен мултидициплинарен тим, кој ќе им дава помош на луѓето – од превенција до терапија. На тоа треба да се работи затоа што, ако не се вложува во системот, во медицинските сестри и во докторите, тогаш нема ни да ги има – изјави Кордеж.
Претседателката на Здружението на медицинските сестри, Гордана Бешлиовска, смета дека со унапредувањето на едукацијата на медицинските сестри тие „конечно, ќе добијат факултетско образование и ќе се остварат во кариерниот развој како предавачи“.
– Тоа дополнително треба да го измени членот во Законот за здравствената заштита, во кој ние сме дискредитирани. Таму стои дека може да предавате на факултетите за медицински сестри само ако имате Медицински факултет. И сето ова за да се преслика, треба некои нешта координирано да се усогласат за да може сестрите да добијат модел и во образованието, со што ќе се остварат и како предавачи. Новиот закон за високо образование не смее да го скрати тој модел со кој медицинските сестри во кариерниот развој треба да бидат носители на образовните програми за здравствената нега бидејќи тие го работат тоа во болниците. До овој момент здравствената нега и сето тоа во тој дел во образовните програми ни го предаваат докторите – изјави Бешлиовска.
април 23, 2026

