Вести
Николоски: Не треба да правиме маркетинг со барањата за пролонгирање на биометриските проверки, треба да ја завршиме работата
Барањата за пролонгирање на ЕЕС системот, покрај технички, се и политички. Затоа вицепремиерот и министер за транспорт, Николоски, смета дека од тоа не треба да се прави маркетинг. Важно е, вели тој, да се заврши работата и најави дека нема намера да го прави она што го прават неговите колеги од соседството, кои без официјална потврда објавија дека биометриската контрола од страна на Грција ќе биде суспендирана во екот на сезоната. Според него, тоа може да го уништи процесот.
Туристичко-угостителската комора на земјава вчера преку допис до грчкото Министерство за туризам побара во летниот период, од 1 јуни до 1 септември, македонските граѓани да бидат изземени од биометриската контрола поради големиот интерес кој би направил огромен застој на границите. Вакво барање веќе поднесе Србија, охрабрена од одлуката на грчката влада во летниот период да ја суспендира биометриската контрола на граѓаните од Велика Британија поради огромниот метеж на границите и аеродромите, со цел да го намали времето на чекање за влез во Грција на нивните најбројни туристи.
Новиот европски систем за влез/излез во земји членки на Европската Унија, ЕЕС, кој налага биометриско скенирање на секој патник, е задолжителен од пред две недели.
април 23, 2026

