Connect with us

Политика

Филипче: Техничката влада може да се укине само со консензус, таа е единствен преостанат механизам за фер избори

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција коментира неколку закони што се ставени на дневен ред на денешната собраниска седница и притоа истакна дека во однос на техничката влада, таа може да се укине само со консензус.

Според него, ова е единствен преостанат механизам и гаранација за одржување фер и демократски избори во услови, вели, како се однесува актуелната власт и смета дека измените на Законот за Владата треба да се повлечат. 

– Овие закони во најмала рака се скандалозни, а понатаму иницираат и други прашања зошто тоа се прави на начинот на кој се ставени на дневен ред, имено, Законот за Владата, со кој од следниот циклус, по предвремените или редовни избори, се укинува техничката влада. Техничката влада е донесена со консензус и само со консензус може да се укине – вели Филипче, кој додава дека според него системот се контролира и во правосудство и во сите институции со силна партизација, и општеството и државата повторно не се зрели да се спроведат фер и демократски избори, дополнително што следните парламентарни ибори ќе бидат прв циклус парламентарни избори што го организира актуелната власт.

Тој смета дека се врши силен притисок на правосудните органи, со поставување свои луѓе на места за судии, обвинители, посочувајќи и на изјави од премиерот од  собраниска говорница.

– Укажавме и дека не знаеме кој и како го контролира системот „Безбеден град“. Не знаеме каде одат илјадници податоци што тој систем ги собира на дневна основа. Дали тоа можеби ќе се користи за следење политички непријатели, односно за опозициските политички партии – прашува Филипче. 

Според него, за следниот изборен циклус останува техничката влада, но, вели, повторно „шверцерски“ се предлага и ќе се сака да се донесе измена, во која техничките министри нема да може да си донесат свои посебни советници, туку ќе може да изберат советници само од редот на постојните, кои, според него, се партизирани од сегашната владејачка коалиција.

Потсети дека овој закон е дел од реформската агенда, каде што, посочи, јасно стои дека треба да се донесе нов закон, а не само вака изменет. 

– Понатаму, уште два закони, закон за минерални суровини и закон за јавни приватни партнерства. Огромен број реакции добивме од граѓани и од граѓански организации што се занимаваат со сферата на заштитата на животната средина. Во законот за минерални суровни за разлика од досега, кога беше потребно да се има завршена експропријација на земјиштето, сега се прави промена и е потребно, наместо завршени процедури за имотно-правни односи, таа експропријација само да биде иницирана. Значи, нема да се знае чие е земјиштето, луѓето може да си загубат приватна земја – рече Филипче.

Според него, овие два закони не може да одат во скратена постапка, туку да се пуштат во редовна постапка со јавна дебата.

Во однос на предлог-законот за државјанства, со кој се предлага пратеници да не може да имаат двојни државјанства, вели, тоа е добро, но никаде не е јасно кажано оти тоа ќе важи и за овој пратенички состав. Најави дека овој закон ќе го поддржат и амандмански ќе интервенираат за тие критериуми да важат и за актуелниот пратенички состав. Воедно, рече Филипче, ќе подготват закон тоа да важи и за сите именувани и избрани функционери.

Маркетинг
Ad 3
Ad 4