Живот
НАСА: Роверот „Кјуриосити“ детектираше досега невидени органски структури на Марс
Научниците на американската вселенска агенција НАСА соопштија дека роверот „Кјуриосити“ го открил досега најразновидниот сет на органски молекули на Марс, вклучувајќи и соединенија кои никогаш претходно не биле забележани на таа планета.
Во примерок од карпа, прибран уште во 2020 година во областа Шарп – планина висока околу 5,5 км во центарот на марсовскиот кратер Гејл – идентификувани се 21 органска молекула, од кои седум се првпат детектирани на Марс, се наведува во трудот објавен во списанието „Nature Communications“.
Истражувачите истакнуваат дека не е можно со сигурност да се утврди дали молекулите настанале преку биолошки или геолошки процеси, но нагласуваат дека откритието дополнително потврдува дека древниот Марс имал хемиски услови погодни за развој на живот.
Меѓу новооткриените соединенија се наоѓаат и азотни хетероцикли – структури кои се сметаат за потенцијални претходници на молекулите како ДНК и РНК – како и бензотиофен, органско соединение кое претходно е регистрирано во метеорити.
Примерокот, наречен „Мери Анинг 3“, потекнува од регион за кој се верува дека некогаш бил богат со вода, со езера и текови кои постоеле пред повеќе милијарди години, што позитивно влијаело на зачувување на органските материи во карпите.
Анализите се спроведени директно на Марс со помош на мини-лабораторијата SAM (Sample Analysis at Mars) вградена во роверот. Методологијата вклучувала дупчење на карпата, загревање на примерокот во печка на висока температура и користење на техниката „влажна хемија“, првпат употребена на Марс. Оваа техника користи растворувач (TMAH) кој ги разложува големите молекули заради полесна идентификација.
За да ја проверат точноста, авторите на трудот ја тестирале истата техника на Земјата со делови од познатиот метеорит Мерчисон. Утврдено е дека TMAH ги разложува сложените молекули од метеоритот на слични соединенија како оние пронајдени во примерокот „Мери Анинг 3“, што потврдува дека марсовските молекули би можеле да бидат остатоци од уште посложени структури релевантни за животот.
април 23, 2026

