Политика
Стерјо Папули нов претседател на Партијата на Власите од Македонија
Вчера, на 18 април во Домот на културата „Билјана Беличанец“ – Кисела Вода, Партијата на Власите од Македонија го одржа својот VI Конгрес, на кој беа донесени клучни одлуки за идното политичко дејствување и организациско зајакнување на партијата. На Конгресот беше спроведено гласање за избор на нов претседател на партијата. Делегатите, во согласност со статутарните процедури, му ја доверија раководната функција на новоизбраниот претседател, Стерјо Папули, кој веднаш по изборот ја презентираше својата програма за работа, се вели во соопштението од Паријата на Власите од Македонија.
Програмата е насочена кон институционално јакнење на партијата, унапредување на правата на Власите во Македонија, како и кон поактивно учество во политичките процеси на државно ниво.
„Како претседател на Партијата на Власите од Македонија, истакнувам дека нашата политика се темели врз три столба: зачувување на влашкиот идентитет, јазик и култура, изградба на силни културни и образовни институции и активно учество во јавниот и општествениот живот. Веруваме дека токму преку овие три столба влашката заедница сигурно ја гради својата иднина и придонесува за напредокот на современа и европска Македонија“, изјави новоизбраниот претседател, Стерјо Папули.

Во рамки на Конгресот беше промовирана и новата химна на партијата. Химната е инспирирана од влашката традиција и идентитет, којашто претставува симбол на заедништво, истрајност и политичка зрелост на партијата. Со нејзиното официјално усвојување, ПВМ добива дополнителен елемент на препознатливост и идентитетска кохезија.
По повод одбележувањето на 25 години од основањето на партијата, беа доделени плакети и благодарници на ветерани и долгогодишни активисти кои придонеле во развојот и опстојувањето на ПВМ. Со овој чин, партијата јасно ја потврдува својата почит кон луѓето кои ја граделе нејзината структура и политичка тежина.
Конгресот заврши со порака за единство, конкретни реформски чекори и засилено присуство на партијата во јавниот и политичкиот живот во наредниот период, се вели во соопштението до медиумите.
април 19, 2026

