Connect with us

Вести

Холандија донира специјализирани возила за МВР – зајакнување на капацитетите за гранични работи и миграции

Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев денеска во Министерството за внатрешни работи присуствуваа на примопредавање на донација од Кралството Холандија, претставувано од амбасадорот Озлем Џанел и генералниот директор на Службата за транспорт и поддршка при Министерството за правда и безбедност на Холандија, Ерик де Брост.

Донацијата, како што соопшти МВР, се состои од две специјализирани комбиња за превоз на затвореници и мигранти, наменети за Одделот за гранични работи и миграции при Бирото за јавна безбедност.

На настанот му претходеше потпишување на Протокол за примопредавање од страна на директорот Јанев и генералниот директор Де Брост.

Заменик министерот Исени изрази благодарност за континуираната поддршка од Кралството Холандија, истакнувајќи дека оваа донација претставува значаен придонес во јакнењето на оперативните капацитети на Министерството.

-Со примопредавањето на овие специјализирани возила директно ја зајакнуваме оперативната подготвеност на нашите служби и ја унапредуваме меѓународната полициска соработка. Оваа донација не е само материјална поддршка, туку и силна потврда за довербата и партнерството меѓу двете земји – истакна заменик-министерот Исени.

Тој додаде дека билатералната соработка со Кралството Холандија се реализира преку повеќе заеднички проекти насочени кон модернизација на полицијата, зајакнување на институционалните капацитети и унапредување на владеењето на правото.

Донацијата претставува уште еден конкретен чекор во продлабочувањето на партнерството меѓу двете земји и придонесува кон поефикасно справување со безбедносните предизвици, особено во областа на граничното управување и миграцијата.

Маркетинг
Ad 2
Ad 4