Connect with us

Вести

Николоски: Македонија има керозин за 90 дена, наместо за минималните 60 дена

Проблем со керозинот нема. Македонија има резерви од авионско гориво за 90, наместо за минималните 60 дена. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вели дека сегашната состојба е добра бидејќи земјава заработува од тоа што аеродромите во соседството полнат керозин кај нас. И домашните аеродроми во Скопје и Охрид имаат количини и повеќе отколку што им требаат. Засега Владата не размислува да стави блокада за извоз на керозин, бидејќи за такво нешто нема потреба – вели Николоски. Со најмногу количини се снабдува аеродромот во Приштина.

„Имаме зголемена потрошувачка на керозин на двата аеродроми, што е добро затоа што тоа влегува и во прометот во државата, влегуваат девизи, а дополнително и аеродромот во Приштина се снабдува преку нас. Ние никогаш не ставивме блокада на снабдувањето, иако други држави тоа го прават. Доколку го направевме тоа, ќе требаше да се затвори аеродромот во Приштина. Со самото тоа што го правиме ова, јасно е дека состојбата е добра“ – вели Александар Николоски – вицепремиер и министер за транспорт.

Откажување на летови од аеродромите во Скопје и Охрид засега нема – вели Николоски. Не само тоа, туку оваа пролет стартуваа и летови до нови дестинации. Само од Скопје има 10 нови летови до европските аеродроми.

„Во летниот период почнува да се лета за Вроцлав и за Краков, тоа е Полска. Исто така почнува да се лета и за Виена, редовна линија. Започна и линијата за Милано од Охридскиот аеродром, додека од Скопскиот аеродром имаме преку десет нови дестинации за летниот период, така што состојбата е добра“ – рече Александар Николоски – вицепремиер и министер за транспорт.

Загриженоста околу снабдувањето со керозин ја покренаа европските авиокомпании кои алармираа дека некои од нив имаат авионско гориво за уште неколку седмици. Тие ги предупредија патниците дека е можно намалување на бројот на авиолинии и задржување само на летовите до кратките дестинации. Освен тоа најавија дека веројатно ќе ги поскапат билетите. Од туристичко-угостителската комора во Македонија велат дека проблем кај нас нема, но и дека се уште е присутен психолошкиот момент кај граѓаните кои поради неизвесноста засега стагнираат со уплатата на летните аранжмани.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1