Вести
Новите амбасадори во Данска, Украина и Албанија ги претставија платформите за дипломатските активности
Пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика и надворешна трговија денеска новите тројца амбасадори ги претставија своите платформи за дипломатските активности. Во Кралството Данска ќе нè претставува Фадил Зендели, во Украина – Димитар Блажевски и во Република Албанија – Веле Трпевски.
Во однос на соработката меѓу Република Северна Македонија и Кралството Данска, Зандели истакна дека таа се реализира врз основа на заеднички интереси, со редовни консултации, делегации во Брисел, како и билатерални средби. Во фокус, како што посочи, се регионалните прашања, Арктикот и ситуацијата во Гренланд, како автономна територија на Данска, која располага со природни богатства. Ова, како што рече, е поврзано со отворањето на нови морски патишта и поврзувањето на континентите, што го зголемува интересот за Арктикот и вклучува повеќе глобални фактори.
Потенцира дека Република Северна Македонија и Кралството Данска имаат стабилни односи, без отворени политички или правни прашања, базирани на демократските вредности, владеењето на правото и евроатлантската ориентација.
-Данската поддршка за европската перспектива на нашата држава е значајна, особено во контекст на понатамошната интеграција. Официјалниот став на Данска е дека проширувањето на Европската Унија треба да се базира на исполнување на критериумите, но и на внатрешната стабилност и економските параметри, како што се инфлацијата, јавните финансии и домашното производство. Во однос на економската соработка, извозот од Северна Македонија кон Данска опфаќа текстилни производи, облека, индустриски компоненти и земјоделски производи, додека увозот вклучува индустриски производи, фармацевтски производи и енергетска опрема. Се бележи зголемување на трговската размена, која достигнува околу 17,1 милиони евра. Во областа на инвестициите, постои интерес за зголемување на енергетското производство, како и за технолошки развој. Данска има голема традиција во развојната политика, особено во јавната администрација, економските реформи и проектите што се спроведуваат во рамките на Европската Унија и меѓународните организации. Дијаспората претставува значаен сегмент во соработката меѓу двете држави. Според податоците, околу 6.000 граѓани на Северна Македонија живеат во Данска, додека околу 2.000 имаат стекнато данско државјанство – рече тој.
Нагласи дека постојат можности за продлабочување на соработката во економијата, културата и образованието, како и за поголемо ангажирање на дијаспората во развојот на економските партнерства. Во однос на парламентарната соработка, како што нагласи тој, во последните шест години таа е недоволно развиена, со мал број на официјални посети во регионот. Според него, потребно е да се зголеми билатералната соработка со парламентите на соседните држави.
Исто така, беше дадена препорака за поголемо ангажирање во парламентарната дипломатија и искористување на можностите за соработка.
амбасадор Димитар Блажевски
Блажевски нагласи дека неговиот иден ангажман ќе биде исполнет со многу предизвици, но и несекојдневна причина што веќе петта година Украина се соочува со руска воена агресија. Од почетокот на воспоставувањето на дипломатските односи, како што рече, се пријателски, изградени со меѓусебно разбирање и обострани заложби за нивно натамошно продлабочување.
-Во периодот до завршувањето на воените дејствија, моите како и активностите на амбасадата ќе бидат фокусирани на следење и соодветно известување за контактите кои ги презема украинската страна, нејзините сојузници, сите меѓународни чинители во преговорите за постигнување мир, односно завршување на војната. Реафирмирање на позициите и поддршката на нашата земја во поглед на руската агресија над Украина. Во овој контекст, нашата држава дава целосна поддршка на територијалниот интегритет на Украина. Ја осудува руската воена агресија и постојано го реафирмира ставот дека Русија треба да ги повлече сите свои воени сили, опрема од територијата на Украина. На став е дека Русија грубо го крши меѓународното право и ја поткопува европската безбедност и стабилност, рече тој.
Блажевски потенцира дека и покрај одлучните односи помеѓу двете земји подолг период назад изостанува размена на посети на највисоко ниво.
амбасадор Веле Трпевски
При претставувањето на платформата за дипломатските активности на вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Република Албанија, Веле Трпевски, посочи дека двете земји имаат соработка во секоја сфера нна билатерално, мултилатерално и регионално ниво.
-Билатералната соработка а базирана традиционални пријателски односи како соседи, немаме отворени прашања. Започнавме процес на заеднички владини седници 2017 година, а последната се одржа во 2022 година. Редовно имаме конзуларни и политички консултации во рамки на министерствата. Со Албанија навистина немаме отворени прашања, напротив имаме простор за градење на конкретна договорна билатерална соработка – посочи Трпевски.
Во однос на трговската размена, како што потенцира, не е на задоволително ниво како соседни земји и се движи меѓу 200 до 220 милиони евра на годишно ниво.
Главниот фокус на неговата работа, рече, ќе биде економската промоција. -Од Албанија најмногу купуваме земјоделски продукти, а продаваме керамика, цевки. Меѓутоа, генерално, тоа е многу мал обем на трговска размена, ако се земе во предвид дека сме соседни земји. Но, тоа се должи најмногу на Коридорот 8 што се уште не е завршен и тоа е едно од тие работи кои мораме да ги завршиме. Инфраструктурата ни завршува во Струга и од таму имаме околу 7 километри тули каде што немаме пруга. Да направиме драј порт во Струга и да го заобиколиме тој јаз од неколку километри до Лин, рече Трпевски.
април 7, 2026

