Вести
ДКСК го означи почетокот на кампањата за подигање на јавната свест за лобирањето како важен елемент на демократското општество
Четири тркалезни маси со разни целни групи ќе се одржат во претстојниот период во рамките на кампањата „Лобирање во Северна Македонија“, што ја спроведува Државната комисија за спречување на корупцијата во соработка со ИПА 2020 проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ – информира денеска на прес-конференција претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, означувајќи го официјалниот почеток на кампањата.
Чучуљ истакна дека денешниот настан е дел од пошироката кампања за подигање на јавната свест за лобирањето како важен елемент на демократските процеси, отчетността и доброто управување.
Целните групи се централната власт, локалната самоуправа, бизнис-заедницата, медиумите и граѓанските организации, а тркалезните маси ќе се одржат на 16, 20, 28 април и на 5 мај.
– Секој од овие фактори има своја улога во градењето средина во која влијанието во развојните политики ќе биде видливо, одговорно и засновано на правила. Лобирањето, кога се спроведува јасно, отчетно и во согласност со законските правила, не треба да се гледа како проблем. Напротив, тоа претставува легитимен механизам преку кој разни општествени фактори, институции, деловната заедница, граѓанските организации и други заинтересирани страни може да ги претстават своите ставови, интереси и предлози во процесот на креирањето политики и донесувањето одлуки – истакна Чучуљ.
Претседателот на ДКСК нагласи дека темата на лобирањето не е изолирано прашање, таа е тесно поврзана со транспарентноста во носењето одлуки, спречувањето на судирот на интереси, етичкото однесување, отчетноста на институциите и со поширокиот концепт на политички и институционален интегритет.
април 7, 2026

