Вести
80% од пациентките со рак почнуваат со лекување во подоцнежни стадиуми на болеста
Во периодот 2021 – 2024 година направени се вкупно 20.946 скрининг-мамографии на жени на возраст од 40 до 69 години во двегодишен циклус во повеќе мамографски центри. Скринингот на рак на грлото на матката се спроведува по пат на ПАП-тестови кај жени на возраст од 21 до 59 години во тригодишен циклус и во периодот 2022 – 2024 година од матичните гинеколози се земени вкупно 130.093 примероци за ПАП-тест. Опфатот на скринингот на рак на дојката се движи од 0,8 до 5,4 отсто, а кај скринингот на рак на грлото на матката од 10,3 до 15,5 отсто од целната популација, што е значително под европските препорачани нивоа за организиран популациски скрининг. Со постојниот опфат не може да се очекува доволен ефект во раното откривање на болеста – се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Во извештајот воедно се посочува дека податоците од здравствените институции покажуваат дека 80 отсто од пациентките со рак почнуваат со лекување во подоцнежни стадиуми на болеста, што упатува дека повеќето од случаите не се откриваат во рана фаза како очекуван резултат од организиран скрининг.
Од ДЗР наведуваат дека дека извршиле ревизија на успешност на тема „Програми за рана детекција на малигни заболувања“ со цел да се даде одговор на прашањето: „Дали програмите за рана детекција и скрининг обезбедуваат соодветна покриеност на целната популација и квалитетна и навремена дијагностика и резултираат со рано откривање малигни заболувања на дојката и на грлото на матката и намалување на морталитетот?“
Со ревизијата, како што посочуваат од ДЗР, се опфатени активностите поврзани со планирањето и спроведувањето на програмите за скрининг на рак на грлото на матката и рак на дојката во периодот од 2021 година до 2024 година, а одредени прашања и настани се опфатени пред и по овој период.
Скрининг-програмите се реализираат континуирано, но опфатот на целната популација е ограничен и не обезбедува значајни популациски ефекти. Одѕивот на поканетите жени не може целосно да се оцени поради недостиг на целосни податоци за бројот на испратени покани и бројот на жени што се одѕвале на скринингот – се потенцира во извештајот.
април 7, 2026

