Скопје
Посебен сообраќаен режим во Скопје поради две трки
Во Скопје ќе се одржат две спортски трки, поради што ќе биде воведен посебен режим на сообраќај на повеќе локации низ градот.
Со почеток во 07:00 часот ќе се одржи планинската трка „Водно-Матка Треилс 2026“, при што сообраќајот ќе биде затворан во три интервали од по пет минути — од 07:00 до 07:05 часот, од 08:00 до 08:05 часот и од 09:00 до 09:05 часот.
Стартно-целна позиција е во комплексот „Македонско село“ и траса на движење по дел од јавниот пат од комплексот „Македонско село“ – село Горно Нерези (кај џамијата) по што трасата продолжува по планински патеки.
Со почеток во 10:00 часот, ќе се одржи и улична трка во организација на Сојуз на спортови на Скопје. Трасата почнува од булеварот „Илинден“, кај фонтаната „Лотус“, продолжува до крстосницата со булеварот „8-ми Септември“, каде што учесниците ќе се вртат полукружно и ќе се враќаат назад до стартната позиција.
Од Министерство за внатрешни работи информираат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за регулирање на сообраќајот, при што возилата ќе се пренасочуваат по околните улици.
Надлежните апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници за безбедно и непречено одвивање на настаните.
април 4, 2026


