Connect with us

Ракомет

Стојанче Стоилов во новата сезона тренер на РК Бутел Скопје

Легендата на македонскиот ракомет и РК Вардар, Стојанче Стоилов од новата сезона ќе го предводи суперлигашот Бутел Скопје, откако потпиша договор на две сезони. Тој ќе го замени Горан Кузманоски, кој на крајот од сезоната заминува од клубот.

– Сакам да се заблагодарам за довербата на раководството на Бутел Скопје. Ситуацијата во македонскиот ракомет е чиста – сега имаме четири клубови кои се помоќни финансиски од другите, но за да имаме силна репрезентација, другите клубови треба да се посветат повеќе внимание на македонските млади играчи и да не купуваат странци. Бутел веќе има костур на екипата, иако има и млади ракометари, а тие имаат суперлигашко искуство. Би го надополнил ростерот со млади од други екипи за кои сметам дека може да станат големи играчи. Амбициите остануваат и за наредната сезона – пласман во плеј-офот, само со македонски ракометари, изјави Стоилов.

Претседателот на Бутел Скопје, Бојан Спасовски, покажа задоволство од потпишувањето на договорот.
– Имавме краток состанок со Стоилов и веднаш се договоривме. Баравме идеално и квалитетно решение за клупата на Бутел Скопје. Станува збор за легенда не само во македонскиот ракомет, туку и пошироко. Со него ќе добиеме и на квалитет и на искуство на клупата, а во ростерот и натаму ќе имаме млади македонски играчи. Амбициите ни се високи, па затоа се договоривме за соработка на две сезони. Му даваме одврзани раце на Стоилов околу формирање на ростерот, а ние како раководство ќе се потрудиме да му обезбедиме максимални услови за работа, изјави Спасовски.

Стоилов, во моментов е дел од стручниот штаб во сениорската машка репрезентација, а по работата во Вардар, во Бутел ќе го има првиот ангажман како прв стратег.

Маркетинг
Ad 1
Ad 2