Connect with us

Вести

Села очекува Апелација да пресуди во негова корист во врска со АА, како алтернатива веќе формирал нова политичка партија

Пратеникот Зијадин Села очекува повисокиот суд да одлучи во корист на, како што рече, „вистинската Алијанса за Албанците“, предводена од него, во судскиот спор за легитимното раководство на партијата. Тој додаде дека веќе има формирано нова политичка партија како алтернатива доколку правниот процес не заврши во негова полза.

Села денеска на прес-конференција во Собранието потврди дека по две претходни одлуки на Основниот суд во Тетово, случајот е во постапка пред Апелација во Гостивар. Тој нагласи дека сите одлуки донесени во корист на другото крило ќе бидат обжалени и дека очекува исправка во повисоките судски инстанции.

– Нормално дека ќе ја обжалиме одлуката. Жалбата е поднесена во Апелација. Очекувам судот да ја утврди вистинската состојба во согласност со статутот и одлуките на органите на партијата – истакна Села.

Тој потсети дека, според него, во 2024 година делегатите на конгресот со мнозинство го разрешиле Арбен Таравари, а одлуките биле потпишани и приложени во судска постапка.

Села прецизира дека уште во август минатата година, пред локалните избори, формално регистрирал нова политичка партија, која ќе продолжи да функционира како резервна опција доколку судскиот процес за Алијансата за Албанците не заврши во негова корист.

– Ако процесот не оди во наша полза, продолжуваме со политичката партија што веќе ја формиравме – истакна Села и упати повик до пратениците, кои, како што рече, ја поддржуваат неговата политичка линија да му се приклучат. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 2