Connect with us

Вести

Николоски: Левица беше формирана и материјално помогната од Сашо Мијалков за да ја руши Шарената револуција

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, од собраниската говорница упати остри критики кон политичката партија Левица и пратеникот Амар Мециновиќ, обвинувајќи ги за создавање „хистерија“ која, според него, директно влијае врз растот на цените на становите.

Според Николоски, цените на станбениот квадрат во неколку скопски општини се високи поради блокирање на урбанистичките процеси.

„Во Македонија денес е поголемо злодело да донесеш детален урбанистички план отколку нешто друго. Во Центар, Карпош, Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба и Чаир не се носат планови токму поради хистеријата што ја создавате“, изјави Николоски.

Тој додаде дека поради ваквите политики се намалува понудата на станови, што логично доведува до раст на цените.

Николоски се осврна и на проблемот со цените на храната, потенцирајќи дека ограничувањето на изградбата на нови маркети ја намалува конкуренцијата.

„Свесни сме дека постои олигопол кај неколку трговски ланци. Затоа менуваме правилник за да се забрза урбанизацијата и да се овозможи влез на нови маркети. Веќе има најава од Лидл и Шпар“, рече тој.

Според него, зголемената понуда ќе доведе до пониски цени за граѓаните.

Во својот говор, Николоски упати и сериозни обвинувања за формирањето на Левица, тврдејќи дека партијата била создадена со поддршка од Сашо Мијалков.

„Малку подолго сум во политика од сите вас и познати ми се работите. Прашајте го Димче Апасиев како сте формирани – со директна материјална поддршка од Сашо Мијалков. Целта беше во 2015 да ја рушите Шарената револуција“, откри Николоски.

Министерот нагласи дека економските принципи се јасни – кога побарувачката е голема, а понудата мала, цените растат.

„Ако продолжат ваквите политики, квадратот во Скопје ќе достигне и до 5.000 евра“, предупреди Николоски.

Како пример го наведе и Охрид, каде според него цените достигнуваат околу 4.000 евра по квадрат, токму поради ограничувањата за градба.

Николоски истакна дека дел од проблемите со УНЕСКО произлегуваат од, како што рече, „кодошење од внатре“.

„Главното кодошење доаѓа од дома. За Поградец не реагираат, но за Македонија постојано се алармира“, рече тој, алудирајќи и на политиките на албанскиот премиер Еди Рама.

На крајот, Николоски оцени дека популистичките политики имаат директни последици врз граѓаните.

„Лесно е да се ветува сè, но реалноста е дека буџетот има ограничувања. Колку ќе се создаде, толку може да се троши“, порача тој.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4