Connect with us

Свет

Јапонија почнува со ослободување нафта од резерви поради затворањето на Ормуската Теснина

Јапонија денеска ќе почне со ослободување нафта од своите стокови резерви бидејќи се очекува увозот на сурова нафта значително да се намали од крајот на март поради затворањето на Ормуската Теснина, која е клучна за транспорт на нафта на светскиот пазар, изјави денеска главниот секретар на кабинетот, Минору Кихара.

– Планираме да вложиме напори за (нафтата од стоковите резерви) непречено да циркулира на пазарот – рече Кихара, пренесува агенцијата „Кјодо“.

Тој додаде дека владата „ќе продолжи да ги презема сите можни чекори за да обезбеди стабилно снабдување со енергија преку меѓународна координација и без исклучување какви било опции“.

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) вчера соопшти дека набргу ќе почне планираното координирано ослободување нафта од стоковите резерви од страна на нејзините 32 земји членки, вклучувајќи ја и Јапонија. Минатата недела беше соопштено дека земјите ќе стават на пазарот 400 милиони барели нафта како одговор на прекините настанати поради конфликтот на Блискиот Исток.

Јапонската влада ќе ги намали задолжителните 70-дневни резерви за рафинериите за нафта и трговските компании, според јапонскиот закон за складирање нафта, на 55 дена, а минатата недела јапонската премиерка Санае Такаичи соопшти дека од стоковите резерви ќе бидат достапни приближно 80 милиони барели нафта, што е најголемата количина досега ослободена од стоковите резерви.

Таа количина нафта е еквивалентна на 45 дена домашна потрошувачка и е 1,8 пати поголема од онаа што беше ослободена од стоковните резерви по разорниот земјотрес и цунамито во 2011 година, кои го опустошија североисточниот дел на Јапонија.

Заклучно со крајот на 2025 година, Јапонија имаше резерви од приближно 470 милиони барели нафта, што е еквивалентно на 254 дена домашна потрошувачка, од кои 146 дена беа во државна сопственост, 101 ден во приватниот сектор, а остатокот заеднички го складираат земјите производители на нафта. Ова е седми пат како се користат јапонските резерви на нафта од почетокот на системот за резерви во 70-тите.

Јапонија увезува повеќе од 90 отсто од својата сурова нафта од Блискиот Исток, што ја прави многу ранлива на затворањето на Ормуската Теснина, што го спречи транспортот на нафта и гас од доставувачите во Персискиот Залив, и наглиот пораст на цените на суровата нафта од почетокот на војната на Блискиот Исток на 28 февруари.

Маркетинг
Ad 2
Ad 4