Connect with us

Политика

Пешевска со порака за 8 Mарт: Создаваме општество во кое секоја жена ќе живее без страв, со достоинство и со еднаква можност да успее

Денес зборуваме за почит, можности и еднаквост. Но овие зборови немаат вистинска тежина ако не сме подготвени да ја погледнеме и реалноста со која се соочуваме, истакна на прес-конференција пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска, што МИА ја пренесува интегрално.

За жал, оваа година 8 Март го одбележуваме и во сенка на една голема трагедија што ја потресе јавноста, загубата на два човечки животи, мајка и дете, како жртви на семејно насилство. Изразувам искрено сочувство до семејството. Оваа болка е потсетник дека како општество имаме заедничка одговорност, институциите да реагираат навремено, координацијата да биде поефикасна, а превенцијата и поддршката да станат вистински приоритет. Затоа што понекогаш навремената реакција е прашање на живот.

Истовремено, бројките говорат јасно. Жените во нашата држава се сѐ пообразовани, но сѐ уште се помалку присутни на пазарот на труд. А кога се присутни, често за истата работа добиваат помала плата. Само дел од имотот е во сопственост на жените, а нивното учество во одлучувањето, особено на локално ниво, сѐ уште не ја отсликува вистинската структура на нашето општество.

Законите се важни, но законот што не се спроведува е само текст. Потребна е вистинска политичка волја, одговорни институции и општество што ја вреднува улогата на жената.

Почитта не е симболика. Почитта значи безбедност.

Можностите значат економска самостојност и фер шанса.

Еднаквоста значи жените да бидат рамноправни креатори на политики и општествени промени.

Кога жената е силна, семејството е стабилно. А кога семејството е стабилно, државата е посилна.

Затоа 8 Март не е само ден за честитки. Тоа е ден на одговорност, да создадеме општество во кое секоја жена ќе живее без страв, со достоинство и со еднаква можност да успее.

Драги дами, честит 8 Март. Нека овој ден биде потсетник дека борбата за почит, можности и еднаквост продолжува секој ден, за секоја жена, за секое дете и за иднината што сите ја заслужуваме.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1