Свет
Зелените и ЦДУ во изедначена трка пред изборите во Баден-Виртемберг
Зелените и демохристијанската Христијанско-демократска унија (ЦДУ), партнери во актуелната покраинска влада, се во изедначена трка пред денешните избори во германската сојузна покраина Баден-Виртемберг.
Според последните анкети на јавниот сервис ЗДФ, Зелените и ЦДУ имаат по 28 проценти поддршка. Зад нив е десничарската Алтернатива за Германија (АфД) со 18 проценти, додека Социјалдемократската партија на Германија (СПД) има околу осум проценти.
Либералната Слободна демократска партија (ФДП) и Левица имаат по шест проценти поддршка и се наоѓаат непосредно над изборниот праг.
ЦДУ ја загуби предноста во анкетите
До пред неколку недели ЦДУ имаше убедливо водство, но разликата со Зелените постепено се намали. Многумина тоа го поврзуваат со слабите јавни настапи на главниот кандидат на демохристијаните во покраината, Мануел Хагел.
Во јавноста најпрво се појави телевизиско интервју старо неколку години, во кое Хагел на несоодветен начин зборува за ученичка што ја сретнал при посета на едно училиште.
Пред неколку дена нова посета на училиште повторно предизвика контроверзии, откако наставничка го предупреди пред камерите дека на учениците погрешно им го објаснил ефектот на стаклена градина.
ЦДУ го обвини коалицискиот партнер за „валкана“ предизборна кампања, бидејќи спорното интервју на социјалните мрежи го објавила пратеничка од Зелените во Бундестагот, пренесува Хина.
Десетгодишна коалиција меѓу Зелените и ЦДУ
Зелените и ЦДУ веќе десет години успешно владеат во оваа покраина, која има еден од највисоките бруто-домашни производи во Германија.
Актуелниот премиер Винфрид Кречман (Зелени) се повлекува од политиката, а како главен кандидат на Зелените настапува искусниот политичар Џем Оздемир.
Кречман пред 14 години влезе во историјата како прв премиер на германска покраина од редовите на Зелените. Особено изненадување беше тоа што тој застана на чело на покраина која се смета за економски мотор на Германија, иако Зелените традиционално не се сметаат за партија силно поврзана со економската политика.
Сепак, нуклеарната катастрофа во Фукушима во 2011 година им донесе силен подем на Зелените, кои се познати по својата еколошка и антинуклеарна политика.
Можен прв покраински премиер со турско потекло
Баден-Виртемберг би можел повторно да влезе во историјата со избор на првиот покраински премиер со турско потекло.
Поранешниот претседател на Зелените и министер за земјоделство во владата на германскиот канцелар Олаф Шолц, Џем Оздемир, е роден во 1965 година во Урах, во Швабија, во семејство на турски „гастарбајтери“.
Без оглед на тоа дали на изборите ќе победат Зелените или ЦДУ, најверојатно е продолжување на досегашната коалиција, при што останува отворено прашањето која партија ќе го даде идниот премиер.
Очекуван раст на АфД и слаб резултат за СПД
На Алтернатива за Германија ѝ е речиси сигурен влезот во покраинскиот парламент во Штутгарт, но со оглед на тоа што другите партии одбиваат коалиција со десницата, главниот кандидат Маркус Фронмајер веќе планира да ја продолжи кариерата како пратеник во Бундестагот.
И покрај тоа што немаат изгледи за влез во покраинската влада, АфД може да се смета за победник, бидејќи пред пет години освои 9,7 проценти од гласовите, а во меѓувреме со кампања за враќање кон фосилните извори на енергија привлече дел од конзервативните гласачи разочарани од политиките на Зелените и ЦДУ.
Најдраматичен исход се очекува за СПД, која во анкетите не ја надминува границата од 10 проценти и би можела да го забележи својот најслаб резултат досега на покраински избори во Баден-Виртемберг.
Тест за канцеларот Мерц
Изборите во покраината, каде што се наоѓаат компании како „Мерцедес-Бенц“ и „Порше“, кои се сметаат за колевка на германската автомобилска индустрија, претставуваат и прв голем тест за владеењето на германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Гласачите во покраината, каде што економската компетентност игра важна улога, би можеле индиректно да ја казнат владата на Мерц, кој по доаѓањето на власт минатата година најави брзо економско закрепнување, што засега не се оствари, посочува Хина.
Изборите во Баден-Виртемберг се првите покраински избори во Германија годинава. Веќе за две недели, на 22 март, следуваат избори во соседната покраина Рајнска-Пфалц.
Со големо внимание се очекуваат и изборите во три источни покраини во септември – Саксонија-Анхалт, Мекленбург-Предна Померанија и во Берлин.
март 8, 2026

