Connect with us

Свет

„Анадолија“: САД во иранските напади изгубија воена опрема вредна речиси две милијарди долари

САД изгубија воена опрема во вредност од речиси две милијарди долари во нападите врз Иран на 28 февруари – покажаа денеска процените на „Анадолија“ врз основа на достапните податоци, а цел на напади беа радарски системи, авиони и бази на Блискиот Исток, како и некои американски дипломатски претставништва.

Најголемата поединечна загуба е системот за рано предупредување AN/FPS-132 во воздухопловната база Ал Удеид во Катар, вреден речиси 1,1 милијарда долари, кој беше погоден од иранска ракета, а катарските власти потврдија дека радарот е оштетен.

Три борбени авиони „Ф-15E“ на 1 март се уништени во пожар во кувајтската противвоздушна одбрана. Сите шест члена на екипажот преживеаја, но се проценува дека замената на авионот ќе чини приближно 282 милиона долари. Иран на 28 февруари го погоди седиштето на Петтата флота на американската морнарица во Манама, Бахреин, уништувајќи два терминала за сателитска комуникација AN/GSC-52B, чија вредност, вклучувајќи ги и трошоците за инсталација, се проценува на речиси 20 милиони долари, како и неколку објекти.

Техеран исто така тврди дека ја уништил радарската компонента AN/TPY-2 на антибалистичкиот одбранбен систем THAAD, распореден во индустриската зона Ал Рувеис во Обединетите Арапски Емирати. Сателитските снимки укажуваат на удар, а вредноста на тој радарски систем се проценува на приближно 500 милиони долари. Според овие процени, вкупната штета на американските воени средства во регионот изнесува речиси 1,9 милијарда долари.

Од почетокот на нападот, според достапни податоци, Иран гаѓал најмалку седум американски воени локации на Блискиот Исток, вклучувајќи го седиштето на Петтата флота во Бахреин, Камп Арифјан, воздухопловната база Али ел-Салем и Камп Беринг во Кувајт, базата Ербил во Ирак, пристаништето Џебел Али во Обединетите Арапски Емирати и базата Ал Удеид во Катар.

САД и Израел го нападнаа Иран утрото на 28 февруари по неуспехот на повеќе рунди преговори за нуклеарната програма на Иран. Потоа Иран почна масовни одмазднички напади врз Израел и цели поврзани со САД во регионот на Блискиот Исток.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1