Свет
ИДФ: Во Либан елиминиран шефот на разузнавачката служба на Хезболах
Израелската армија соопшти дека во синоќешниот прецизен напад врз главниот град на Либан, Бејрут, убиен е шефот на разузнавачката служба на Хезболах, Хусеин Маклед.
– ИДФ сега потврдува дека во прецизен напад врз Бејрут синоќа е елиминиран терористот Хусеин Маклед, кој беше началник на разузнавачкиот штаб на Хезболах – се наведува во соопштението на израелската армија.
Хезболах со вчерашното лансирање ракети и дронови од јужен Либан врз израелски цел официјално се вклучи во војната на Блискиот Исток на страната на Иран.
Израел утрово почна воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан. Според ИДФ, погодени се објекти за складирање оружје и дополнителна инфраструктура во неколку делови од Либан. Либанското Министерство за здравство соопшти дека најмалку 31 лице се убиени, а 149 лица се повредени во израелските напади во Либан.
Претходно, израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, изјави дека следна цел за елиминација е генералниот секретар на Хезболах, Наим Касем.
– Терористичката организација Хезболах ќе плати висока цена за пукањето врз Израел, а Наим Касем, генералниот секретар на Хезболах, кој одлучи да пука под притисок од Иран, сега е обележана цел за елиминација. Кој и да го следи патот на Хамнеи, набргу ќе се најде во длабочините на пеколот заедно со сите осуетени елементи на оската на злото – наведе Кац на платформата „Икс“.
Тој додаде дека заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им наредил на Израелските одбранбени сили (ИДФ) да употребат сила против Хезболах, а тие продолжуваат да ја следат примарната цел за уривање и поразување на иранскиот терористички режим.
Касем функцијата генерален секретар на Хезболах ја наследи од Хасан Насралах, кој беше ликвидиран од ИДФ во септември минатата година
Хезболах е шиитска исламистичка организација формирана во 80-тите години од минатиот век. Движењето е финансирано, обучувано и вооружувано од Иран и важи за една најмоќните вооружени групи во регионот.
Израел и Хезболах војуваа во 2006, во 2023 и во 2024 година, кога групата почна да напаѓа израелски позиции еден ден по нападот на Хамас на 7 октомври и почетокот на воената операција на Израел во Појасот Газа. Во последната војна во Либан, според властите, загинаа приближно 4.000 луѓе, а повеќе од 1,2 милион беа раселени. Израел објави дека изгубил повеќе од 80 војници и 47 цивили. Примирјето постигнато на крајот на 2024 година сега е повторно под сериозен притисок.
Владата на Либан денеска ги прогласи за незаконски воените активности на Хезболах и го повика движењето да го предаде оружјето.
Владата на Либан ѝ нареди на армијата да ги спречи нападите врз Израел и да го конфискува оружјето на Хезболах.
Хезболах е дел од владата на Либан поради што е нејасно дали може да биде забрането движењето без дозвола на парламентот.
март 2, 2026

