Свет
Трамп елиминира двајца од најблиските сојузници на Пекинг за помалку од два месеца
Си-ен-ен
За помалку од два месеца, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп елиминира двајца од најблиските сојузници на Пекинг и со тоа го загрози снабдувањето со нафта на Кина.
Американските сили го уапсија венецуелскиот претседател Николас Мадуро во јануари, а сега е убиен врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи. Овие две воени акции не само што ја лишија Кина од нејзините стратешки партнери во Јужна Америка и Блискиот Исток туку влијаеја и на она што е многу поважно за Пекинг – нафтата, пишува Си-ен-ен.
Венецуела и Иран ја снабдуваат Кина со поголемиот дел од својата сурова нафта. Според податоците од аналитичката компанија Kpler, повеќе од половина од извозот на сурова нафта на Венецуела и речиси целиот извоз на Иран минатата година веројатно завршил во Кина. Според пресметките на Си-ен-ен, кои се базираат на податоци од Центарот за глобална енергетска политика на Универзитетот „Колумбија“, нивните пратки заедно сочинувале речиси 15 проценти од вкупниот увоз на нафта во Кина.
Кина како најголем губитник
Роб Тумел, портфолио-менаџер во „Тортоиз капитал“, верува дека Кина би можела да биде голем губитник во конфликтот во Иран бидејќи произведува значително помалку нафта отколку што троши.
„Повисоките цени би можеле да влијаат на економскиот раст, но физичката понуда е уште поважна бидејќи Кина зависи од увозот на сурова нафта за да ја одржи својата економија“, рече тој.
Шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји го нарече нападот на САД и Израел врз Иран „неприфатлив“ и го осуди „очигледниот атентат врз суверен лидер и поттикнувањето на промена на режимот“.
Меѓутоа, Пекинг сè уште не ги објави можните економски последици.
Покрај прекините во снабдувањето со нафта, Кина и другите азиски економии се соочуваат и со можни логистички проблеми доколку сообраќајот низ Ормутската Теснина – клучен пат за испорака на сурова нафта од земји како Саудиска Арабија и Кувајт – биде затворен или нарушен.
Полуофицијалната иранска новинска агенција „Мехр“ објави дека танкерот, кој беше погоден во неделата по обидот за „неовластен премин низ Ормутската Теснина“, тоне откога претрпел штета. Иран, кој ја контролира северната страна од Теснината, претходно се закани дека ќе го блокира преминот низ водниот пат за време на конфликт со САД. Аналитичарите педупредуваат дека затворањето на Ормутската Теснина или поголеми прекини во сообраќајот би предизвикале голема глобална енергетска криза.
март 2, 2026

