Регион
Масовни протести низ цела Грција и во странство – три години од железничката несреќа кај Темпи
– Со протести речиси во сите грчки градови, но и во странство, денеска се одбележува тригодишнината од железничката несреќа кај месноста Темпи, една од најголемите во последните над 50 години во Грција, кога два воза, патнички и товарен движејќи се по иста шина, но во спротивна насока директно се судрија и животот го загубија 57 лица, поголемиот дел од нив студенти, а над 100 беа повредени.

Три години подоцна, граѓаните уште еднаш ќе побараат правда, но и никогаш да не се повтори ваква трагедија, а годишнината е на нешто помалку од еден месец пред почетокот на долгоочекуваното судење закажано за 23 март во градот Лариса, со обвинети 36 лица.

За денеска закажани се над 120 протести, речиси во секој грчки град, но и во голем број градови низ светот каде што живеат Грци, додека пак Синдикатот на вработените во државниот сектор започна генерален штрајк, во кој учествува и бродскиот и железничкиот сообраќај, со што Грција денеска ќе биде без бродови и возови.

Главниот собир е точно на пладне на плоштадот Синтагма во центарот на Атина, а повици за учество упатија низа синдикати, граѓански и студентски здруженија и организации, работнички центри, па дури и дел од опозициските партии.
Ланскиот протест беше еден од најмасовните во Грција, поброен и од оние што се одржуваа во периодот на економската криза и мерките за штедење, процените беа дека улиците во Атина ги исполнија над 700.000 лица, а по завршувањето на официјалниот дел се случија сериозни инциденти.

Голема улога во активностите има Здружението „Темпи“ на роднините на загинатите и повредените во железничката несреќа, а меѓу оние кои најгласно се бореа за правда е и Мариа Каристиану, мајка на една од загинатите студентки, кој во изминатите три години како претседателка на Здружението, континуирано се појавуваше во јавноста барајќи правда, организираше протести и хуманитарни концерти, но и ја обвинуваше актуелната Влада.
Сега, се подготвува да формира своја партија, а откако јавно ги соопшти нејзините политички амбиции, Управниот одбор на Здружението побара од неа да се повлече од претседателската позиција, по што си поднесе оставка.
Во изминатите три години, за железничката несреќа и причините, во јавноста се појавија низа сценарија, шпекулации, теории за тоа што се случи, зошто по сударот следеше експлозија, што пренесувал товарниот воз, одговори што веројатно ќе ги даде судот за време на долгоочекуваниот процес што ќе започне на крајот од следниот месец.
Во октомври минатата година, европската обвинителка Лаура Ковеши одржа прес-конференција во Атина, а меѓу случаите на кои се осврна беше и железничката несреќа кај Темпи, кога рече дека пречка во истрагите е членот 86 од грчкиот Устав што се однесува на одговорноста на министрите, односно дека единствено Парламентот е надлежен да ги гони членовите на Владата за евентуални кривични дела сторени додека се на функција.

Нагласи дека „оваа трагедија можеше да се избегне доколку беше имплементиран на правилен начин проектот“, односно договорот 717 за железницата, што се однесува на сигнализација и далечинско управување и додаде дека „единствениот начин за да се затвори оваа рана, е да се спроведе правдата“, но и додаде дека „поради членот 86 ова не се случи“.
-За случајот Темпи, ја завршивме нашата истрага и набргу ќе постои одлука, знам дека на национално ниво веќе е донесена одлука. Ние ја имаме нашата внатрешна процедура. Стигнуваме до крајот на процесот, штом имаме одлука ќе информираме, истакна Ковеши.
Лани Националната управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот (ЕОДАСААМ), објави детален и опширен извештај во кој експертите забележуваат низа пропусти и недостатоци во грчката железница; уништени податоци и докази на местото на несреќата; можно присуство на непознато гориво што ја создаде огнената топка по судирот на патничкиот и товарниот воз, но и дека за пет до седум загинати, причината за смртта е пожарот.
Дел од роднините на загинатите бараат ексхумација на телата и спроведување токсиколошки анализи и ДНК идентификација, а еден од оние кои доставија вакво барање беше и Панос Руци, кој во несреќата го загуби неговиот 22-годишниот Денис и со цел да биде одобрено неговото барање, во септември 23 дена штрајкуваше со глад пред грчкиот Парламент.
Тогаш за МИА истакна дека го бараат она што се подразбира, правда за нивните деца, а судот да си ја работи својата работа.

– Од прв момент единствено што сторија е да ги затрупуваат сите работи. Додека ние плачевме во болниците и ги баравме нашите деца, тие, мислеа само на затрупувањето. Немаа пари да го средат безбедносниот систем на железницата, но најдоа пари да го затрупаат местото на несреќата преку ноќ, рече тогаш Руци за МИА.
Обвинителството одобри ексхумација, меѓутоа целиот процес не напредува бидејќи семејствата бараат анализите и испитувањата да се извршат во лаборатории во странство.

Руци штрајкуваше пред Парламентот, онаму каде што по ланскиот масовен протест беа испишани со црвена имињата на сите 57 загинати, а една година подоцна импровизираниот споменик во чест на жртвите и понатаму е таму.
Просторот е уреден и заграден со саксии со цвеќиња, но и информативна табла на грчки и англиски јазик преку која во текстот со наслов „Нашата приказна: од криминалот во Темпи до ноќта на отпорот“, основачите објаснуваат кои се, како започнаа, но и кои се нивните барања.

Трагедијата од Темпи, израз што во Грција најчесто се користи за железничката несреќа и три години подоцна е актуелна во земјата.
Владата „преживеа“ две гласања недоверба во 2024 и 2025 година доставени од опозицијата, но актуелната Нова демократија беше и убедлив победник на парламентарните избори во јуни 2023 година, само четири месеци по несреќата.
Една од најголемите железнички несреќи во Грција
Кусо пред полноќ на 28 февруари 2023 година во новинарските кругови во Грција започна да се шири информација дека во близина на Лариса постои проблем со воз, првично дека најверојатно излетал од шините, но без да има јасна слика дали е патнички или товарен и што точно се случило.
Следеа првите неофицијални информации за директен судир на два воза кај месноста Темпи, за десетици возила на брзата помош што од околните градови се упатуваат кон местото, а потврдата дека станува збор за сериозна несреќа, индиректно, дојде од кабинетот на грчкиот премиер од каде што новинарите беа информирани дека Кирјакос Мицотакис ја откажува посетата на Солун закажана за следниот ден.

Ноќта беше долга, почна полека да се открива големината на несреќата, беа соопштени првите официјални податоци, десетици загинати и уште толку повредени. Спасувачките екипи цела ноќ беа на терен, нивната акција траеше со денови, а Грција живееше една од најголемите железнички несреќи во изминатите 50 години.
Два воза, едниот товарен, другиот патнички, со околу 350 патници, околу десет минути, со голема брзина се движеле на иста шина, но не еден зад друг, туку еден кон друг, едниот од Атина кон Солун, другиот од Солун кон Атина, со резултат директниот судир да биде неизбежен и 57 лица да го загубат животот, а десетици да бидат повредени.

Според извештајот на Националната управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот (ЕОДАСААМ), товарниот воз се движел со брзина од околу 90 километри на час, а патничкиот со околу 150 километри на час (и двата в рамките на дозволената брзина), меѓутоа на иста шина во спротивна насока, а за мнозинството од загинатите судирот бил кобен и токму тоа е причината за смртта.
Двете локомотиви на товарниот воз излетале на соседната пруга и удриле во вертикален потпорен ѕид, локомотивата и првиот вагон на патничкиот воз биле катапултирани на другата страна од пругата, а при ударот на земја биле целосно уништени. Следел втор, речиси директен судир меѓу вагонот-ресторан од патничкиот воз и првиот вагон од товарниот воз натоварен со челични плочи.
– Во меѓувреме, се формираше огромна огнена топка која изгледаше како да се движи со патничкиот воз. Во настанатите пожари на долниот терен целосно изгореа вагонот-ресторан и вагонот од втора класа, пишуваше во извештајот на ЕОДАСААМ.
За експлозијата и создадената огнена топка, сè уште никој со сигурност не може да каже што ја предизвика.
Во изминатите три години, постоеја низа шпекулации во Грција за тоа што пренесувал товарниот воз, имаше сценарија дека е натоварен со нелегална пратка, со експлозивни или запаливи материјали, но дека причината се силиконските масла од локомотивите.
Од компанијата „Хеленик трејн“ (Hellenic Train), тогаш излегоа со соопштение во кое објаснија дека товарниот воз имал 13 вагони, од кои првите три, кои излетаа од шините, „превезуваа широки производи за ламинирање од железо (лим)“, во четвртиот, петтиот, шестиот и седмиот вагон имало прехранбени продукти, во следните два имало пива, во другите два имало железни жици, а последните два биле со празни контејнери.

Дел од опозициските партии во Грција, но и дел од семејствата на загинатите во тој период тврдеа дека на местото на несреќата неколку часа по судирот постоеле интервенции и просторот не бил затворен, за што експертите од ЕОДАСААМ лани рекоа дека биле уништени податоци и докази на самото место, но и дека тоа се должи на недостиг на знаење и подготвеност на службите за толку голем случај, како што беше железничката несреќа.
Во железничката несреќа загинаа 57 лица, 56 тела беа пронајдени и идентификувани, едно никогаш не беше пронајдено, а повредни беа над 100 лица.
Најголемиот број од патниците во возот беа студенти, кои биле на продолжен викенд и се враќале или дома или во универзитетскиот кампус.
Меѓу првите три вагони, кои беа најпогодени беше и вагонот-ресторан, кој поради јачината на судирот се превртел врз други два вагони и се запалил, што дополнително ја отежна идентификацијата на загинатите.
– Треба да се нагласи дека во конкретниот вагон избувнал пожар и се развиле особено високи температури кои достигнале дури 1.300 степени Целзиусови, факт што ја отежнува идентификацијата на луѓето кои биле внатре, рече тогаш портпаролот на Противпожарната служба на Грција Василиос Ватракојанис.
Од 57 загинати, 25 биле токму во овој вагон, во вагонот-ресторан.
Полесно повредени беа оние од последните вагони, додека пак во првите три, ситуацијата со која се соочиле спасувачите била застрашувачка.
Веднаш по несреќата беше прогласена тридневна жалост, грчкиот премиер и лидерите на опозициските партии го посетија местото на трагедијата, а граѓаните се собраа во Атина за да им оддадат почит на загинатите, но и да побараат одговорност.
„Пиши кога ќе стигнеш“, беше главниот слоган под кој се одржаа низа масовни протести во Атина и други грчки градови веднаш по несреќата.
Три години по трагедијата, семејствата сè уште очекуваат одговори.
Според надлежните, главните причини за несреќата се човечка грешка на одговорниот на железничката станица во Лариса од каде што возот, по направената планирана станица продолжи кон крајната дестинација – Солун, како и недостиг на дигитален систем за контрола и следење на возовите, а беше уапсен и притворен шефот на железничката станица во Лариса.
Железничката несреќа кај месноста Темпи беше трета во конкретната област во период од 26 години, а претходните две се случиле на автопатот.
Првата во 1999 година кога автобус со навивачи на фудбалскиот клуб ПАОК се судрил со камион и седум лица го загубиле животот, а втората, во 2003 година, кога автобус со ученици се судрил со камион со 21 загинат.
Сања РИСТОВСКА – дописничка на МИА од Атина
февруари 28, 2026

