Connect with us

Скопје

Саем на образование и кариера – можност за матурантите да изберат професија

На вториот кат од ТЦ „Скопје сити мол“, денеска и утре, од 11 до 16 часот, отворен е за посетители 3. Саем на образование и кариера, кој го организира студентската и младинска информативна платформа „Студентарија“. Учествуваат 12 универзитети од земјата, јавни и приватни, во чиј состав вкупно се повеќе од 120 факултети.

Саемот е наменет, пред сè, за средношколците матуранти, кои треба да одлучат каде да го продолжат образованието, како и за студентите што размислуваат за продолжување на студиите, специјализација, преквалификација или се во потрага по пракса и можности за вработување.

На официјалното отворање Гоше Николов од платформата „Студентарија“ изјави дека саемот ги поврзува образованието, бизнис-секторот и младите на едно место и оти целта им е „овие три страни на едно место да се слушнат и да се разберат“. 

– Идејата е саемот да биде простор каде што младите ќе може да донесат една од најважните одлуки за својата иднина и кариера. Средношколците како идни студенти имаат плејада опции од понудените студиски програми. Универзитетите им ги претставуваат можностите за студии, за стипендии, животот во кампусите итн. Имаме институти што ги презентираат програмите од втор циклус студии, тука се и академиите за дигитални и ИТ-вештини, како и компании што на младите ќе им ги презентираат своите програми за кариерен развој, за вработување и за пракса – изјави Николов.

Задоволен е од посетеноста уште на отворањето на саемот и им се заблагодари на десетина општини што денеска организирале бесплатен превоз за средношколците да дојдат на настанот. 

Штандовите на високообразовните институции ги посети и министерката за образование и наука Весна Јаневска нагласувајќи ја единствената можност што саемот им ја нуди на младите во овие два дена.

– Втора година доаѓам на Саемот на образование и кариера и задоволство ми е што постои огромен интерес и од тоа што не се присутни само универзитетите, туку и компаниите што во суштина треба да направат симбиоза за да им овозможат на младите луѓе да се пласираат на пазарот на труд со најдобрите можни знаења, квалификации и вештини. Овој саем овозможува младите да го изберат и она што ги интересира, но и да се сретнат со работодавачите, што мене ми дава надеж дека тие ќе си најдат интерес да останат во својата земја и да придонесат за развој на нејзината економија и за подобар живот. Се надевам дека и универзитетите ќе се приспособат на овие барања, особено со новиот закон, кој исто така ги поврзува компаниите, практичната работа и универзитетите, односно знаењето. Оттука, очекувам саемот да стане традиција и им благодарам на „Студентарија“ и на „Сити мол“ за организацијата – изјави Јаневска. 

И учесниците на саемот сметаат дека настанот е одлична можност за да ги информираат средношколците какви придобивки ќе имаат од студирањето на програмите што им ги нудат.

Деканот на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ, Дејан Јанкуловски, за МИА изјави дека, покрај студиска програма на македонски, имаат и на англиски јазик, на која годишно се запишуваат 15-ина студенти, најмногу од Турција. 

Посочи дека земјоделството и ветеринарните науки се клучни за развојот на стопанството и на државата, дека се работи за модерна струка, која овозможува многу перспективи и работа во областа на здравствената заштита на животните, нивната благосостојба и квалитет и безбедност на храната.

– За жал, во претходните години интересот за студии по ветеринарна медицина беше намален, но во изминатите години малку се зголеми иако квотата не се исполнува. Позитивно е што имаме и странски студенти што студираат на програмите на англиски јазик – рече Јанкуловски.

Во изминатите години најголем е интересот за студии на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) за кој секоја година има и најмногу места во конкурсот на УКИМ.

Влатко Спасев, асистент на ФИНКИ, рече дека традиционално нивниот е најбаран факултет меѓу младите и според статистиката има најмногу вработувања во областите информатика, програмирање, роботика итн.

– Нашите студенти се вработуваат уште додека студираат и активно се вклучени во индустријата, а голем дел од оние што дипломираат работат и за странски компании. Побарувачката е сè уште голема за професиите за кои ФИНКИ ги подготвува своите студенти, работните места се доста платени – рече Спасев на штандот на ФИНКИ, на кој, покрај студиските програми, беше претставено и миленичето на овој факултет –  кучето робот Финкаш.

На Саемот на образование и кариера се претставува и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје. Поручник Реџеп Мустафовски, асистент на Академијата, изјави дека младите што во иднина сакаат да бидат дел од Армијата на државата не треба да бидат постари од 21 година за да се запишат на студии. 

– Студиите траат четири години, во првите две учат разни општи предмети, како и предмети за воени вештини, кои потоа ќе им бидат потребни во службата. Во трета и четврта година се определуваат по родови служби во кои ќе работат во текот на целата кариера. По завршување на четиригодишните студии, тие се промовираат во чин потпоручник и се определуваат за работа во Армијата. Уписот на Воената академија не е како на другите факултети и почнува порано. Од април до јули се рапишува конкурсот, кој трае подолго заради проверките што вклучуваат и физичка подготвеност. Бројот на слободни места секоја година не е ист и зависи од потребата на Армијата и на Министерството за одбрана, така што и конкурсот за број на студенти се распишува во согласност со нивните барања – посочи Мустафовски.

Маркетинг
Ad 3
Ad 4