Регион
Мицотакис: Грција стана значаен центар на енергетска безбедност за Балканот и Југоисточна Европа
Денес, како резултат на политиките на оваа влада, во земјата минуваат вкупно 17 милијарди кубни метри природен гас, а нашата земја стана значаен центар на енергетската безбедност за Балканот и Југоисточна Европа – посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис одговарајќи на пратеничкото прашање за енергетиката од лидерот на ПАСОК, Никос Андрулакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис посочи дека „тоа не е случајно, туку беше постигнато“. Тоа, како што рече, е резултат на систематски одлуки на владата да инвестира во инфраструктура за природен гас наспроти ситуацијата во 2019 година кога „земјата увезуваше и трошеше околу шест милијарди кубни метри природен гас“, односно „сè што влегуваше во системот го трошевме во Грција“.
– Ова е нешто што не може да не го гледате, не може да не го признаете, дека денеска Грција може да ја поврзе својата енергетска политика со надворешната политика бидејќи, очигледно, придобивките од ова енергетско надградување на земјата се повеќекратни – рече Мицотакис и се осврна на претстојните истражувања за природен гас, што се очекува да почнат в година и се првпат по 40 години.
За обвинувањата од Андрулакис дека Грција има една од најскапите цени на електричната енергија во Европа, Мицотакис рече дека станува збор за лага бидејќи, како што објасни, сега сметките се намалени за 21 отсто во однос на европскиот просек.
– Сметките на грчките домаќинства, г. Андрулакис, во првата половина од 2025 година – и се ограничувам на првата половина затоа што до тогаш имаме достапни податоци од Евростат – беа за 21 отсто поевтини од европскиот просек. И не може, г. Андрулакис, да сметате дека меѓународната енергетска криза е грчка, криза што сите знаат дека избувна по руската инвазија на Украина – рече Мицотакис.
Лидерот на ПАСОК во своето пратеничко прашање нагласи дека „граѓаните плаќаат поскапа струја од европскиот просек според нивната куповна моќ“ и дека „32 отсто од Грците имаат заостанати обврски за сметките за основните услуги кога во ЕУ соодветниот процент е само 6,9 проценти, односно во Грција е речиси петпати повеќе“.
– Речиси едно од пет грчки домаќинства не е во можност доволно да го загрее својот дом. Зад овие бројки се луѓе, семејства, кои го исклучуваат греењето за да може да платат во супермаркет. Постојат мали и средни претпријатија, кои ја ограничуваат својата дејност затоа што не може да ги поднесат трошоците за струја. Постојат и земјоделци, оние што протестираа на блокадите, кои го гледаат нивното производство како станува неконкурентно и неодржливо – рече Андрулакис.
февруари 28, 2026

