Connect with us

Вести

„Плазма – Спортските игри за деца“ стануваат дел од нашата држава, преку спортот досега обединети речиси два и пол милиона деца

Со денешното потпишување на договорот меѓу меѓународната платформа „Спортски игри за млади“ и Федерацијата на училишните спортови, земјава стана дел од „Плазма – Спортските аматерски игри за деца“, кои во изминатите години обединија повеќе од два и пол милиони деца од неколку држави. Најдобрите ќе бидат дел од финалните натпревари, што ќе се одржат во август годинава во Сплит.

Оваа спортска манифестација, која започна во 1996 година во Хрватска како аматерски спортски натпревари за ученици од основно и средно образование. Тие беа создадени во Сплит во 1996 година. Се одржуваат во Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Словенија, а од годинава учествува и Македонија.

Учениците се натпреваруваат во разни спортови како што се: мал фудбал, ракомет, тенис, пинг-понг, шах, улична кошарка, бадминтон, одбојка, одбојка на плажа и гранична одбојка. Прво се одржуваат градски и окружни натпревари, а финалните натпревари се во Сплит. Учеството е бесплатно. Слоганот на Младинските спортски игри е: „Да живееме живот без дрога, бидејќи дрогата го одзема животот“.

Познатиот српски кошаркарски тренер и поранешен кошаркар, кој е и амбасадор на игрите, Жељко Обрадовиќ, денеска во Скопје им посака на децата и на младите луѓе од Македонија, да се дружат со своите врсници и колеги од останатите земји каде што Игрите за млади веќе одамна зедоа голем замав.

– Младите луѓе и децата се нешто највредно во секое општество и навистина сакам да им посакам многу убави моменти и стекнување на она што е најважно – а тоа се вистинските вредности во животот – рече Обрадовиќ.

Премиерот Христијан Мицкоски, на свечениот чин во Владата, истакна дека демографијата претставува општ европски проблем и затоа е многу важно младите од најрана возраст да ги образуваме и да ги научиме дека иднината е во нив.

– Втората работа што за нас е важна како Влада е спортот. Јас можам да зборувам како неуспешен спортист во младоста, односно бев прилично успешен кошаркар кога бев тинејџер, тогаш во кошаркарскиот клуб „Работнички“. Се сеќавам, Пеце се спремаше за трансфер во тогашниот „ПОП 84“, тоа беше на почетокот на деведесеттите години, европски шампион во тоа време беше прво Југопластика, па потоа како ПОП 84, и се воодушевуваме како тој играше во градскиот парк, во таа мала сала којашто сега ја реновиравме и како Влада го поддржавме тоа нејзино реновирање. Но, потоа некако животот ме наведе по една друга траекторија, во една природно-математичка гимназија, па потоа на Машинскиот факултет, па потоа надвор од државата на магистерски, докторски студии, како професор на факултетот и еве веќе две години претседател на Владата, рече Мицкоски.

Еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер рече дека овој настан е важен не само за регионот туку и за целата Европска Унија и дека нашата држава и регионот се блиски партнери на ЕУ.

– Денес покажуваме дека се приближуваме уште повеќе едни до други, дека спортот не зближува. Спортот е една од можностите која дефинитивно не зближува. Премиерот и јас имаме некои заеднички работи кога станува збор за спортот, двајцата кога сме биле млади сме морале да одлучиме дали ќе се занимаваме со спорт или со други кариери. За младите луѓе спортот е неверојатна работа, тоа го гледаме и со моите деца, во мојот случај тенисот е најважен, но и фудбалот и ракометот, рече Брунер.

Тој истакна дека преку спортот се учат многу лекции, се учи и како да се губи. – Тоа и ние како политичари треба да го научиме и затоа спортот не учи како да изгубиме достоинствено. Ние како Европска Унија мора да го поддржиме ова. Се запрашав себеси зошто спортските младински игри доживеале таков успех. Се работи прво за корените, но и затоа што се отворени за сите. Тука лежи важноста на младинските спортски игри, додаде Брунер.

Министерот за спорт Борко Ристовски посочи дека овој проект значи жив спорт во училиштата, активни локални заедници и силна соработка меѓу институциите, федерациите и бизнис заедницата.

– Тоа значи можност илјадници деца првпат да облечат дрес. Да застанат на старт, да почувствуваат што значи да бидеш дел од тимот, да стекнуваат нови пријателства, да растат и да напредуваат. Особено ме радува што најдобрите од нив ќе ја претставуваат Македонија на меѓународната завршница во Сплит. Не само како натпреварувачи, туку и како наши млади амбасадори на пријателството, почитта и спортскиот дух, рече Ристовски.

Нашата цел е јасна, додаде Ристовски, да градиме генерации кои ќе победуваат со карактер, да создаваме спортска култура заснована на позитивни вредности и да ја вратиме радоста од спортот таму каде што и е местото, кај децата.

На настанот беа присутни и шефовите на дипломатиите на нашата држава и на Хрватска, Тимчо Муцунски и Гордан Грлиќ Радман, амбасадорката на Хрватска во земјава Нивес Тигањ, како и евроамбасадорот Михалис Рокас, како и спортски работници.

Под покровителство на Меѓународниот олимписки комитет, Европската комисија и други важни организации, Плазма Спортските игри за млади нудат платформа каде младите можат да се натпреваруваат во десет различни спортови и да го доживеат спортот во безбедна и охрабрувачка средина, учејќи за важноста на физичката активност, соработката и фер-плејот.

Договорот го потпишаа Елена Мицковска, претседателка на Федерацијата на училишни спортови на Македонија и Здравко Мариќ, претседател на Плазма Спортските игри за млади. Со оваа соработка помеѓу националните партнери и меѓународната платформа се отвора можност над илјада деца од различни општини во земјава да учествуваат во организирани и инклузивни спортски натпревари преку кои се промовираат фер-плеј вредностите, здравиот начин на живот, инклузија и пријателство меѓу младите.

„Спортски игри за млади“  опфаќаат натпревари во 10 спортски дисциплини (мал фудбал, одбојка, одбојка на песок, ракомет, кошарка 3х3, тенис, пинг-понг, шах, атлетика – трки на 60 метри и граница) за момчиња и девојчиња. Тие се одржуваат во април, мај и јуни преку 18 спортски денови во кои се вклучуваат училиштата и локалните заедници низ целата држава, со поддршка од националните спортски федерации. Најдобрите поединци и екипи од државните натпревари во Македонија ќе патуваат на Меѓународната завршница на Игрите во Сплит, каде што неколку дена ќе се дружат и ќе се натпреваруваат со врсниците од земјите што се вклучени во проектот.

Со пристапувањето кон оваа меѓународна платформа нашата држава им се приклучува на Хрватска, Словенија, Србија и Босна и Херцеговина, кои веќе ги имаат имплементирано Игрите. Истовремено, земјава креира и сопствена национална платформа со акцент на младите, како и засилување на соработката на училиштата, општините, националните спортски федерации и бизнис-заедницата како во домашни рамки, така и на регионалната спортска сцена.

Игрите се најголемиот аматерски спортски настан во овој дел од Европа. Организиран е под покровителство на Меѓународниот олимписки комитет и Светската фудбалска федерација на ФИФА. Поддржани се и од многу познати имиња, кои се амбасадори на Игрите, како што се: Сер Дејв Ричардс (претседател на ФА Премиер лигата), Горан Иванишевиќ, Славен Билиќ, Франц Бекенбауер, Ленарт Јохансон, Дејвид Бекам, Предраг Мијатовиќ,  Нико Крањчар, Свен Горан Ериксон, Раде Шербеџија, Хуан Карлос Наваро, Златко Крањчар и други.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1