Регион
Мицотакис: Оградата ќе го покрие целиот Еврос за да бидеме трајно безбедни од каква било идна закана
Оградата на копнената граница со Турција ќе се продолжи и ќе го покрие целиот Еврос, за да бидеме трајно безбедни од каква било идна закана, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис говорејќи на вториот подготвителен конгрес на Нова демократија во Александруполи, каде што тема беше безбедност, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис потсети на случувањата во март 2020 година во Еврос на копнената граница со Турција, кога имаше обид за масовен влез на нелегални мигранти на грчка територија.
– Тогаш рековме дека треба да се движиме во две насоки. Прво, да ја обезбедиме нашата граница. Што значи ова? Средства. Ќе изградиме ограда. Не ни дава пари Европа? Ќе ја изградиме со наши пари. И ја изградивме. И нема да изградиме едноставно само една ограда од жица, ќе изградиме ограда, вистинска. Ја имате видено. Издржа поплави, дури има карактеристики и за заштита од поплави. И ќе ја продолжиме. Оградата ќе го покрие целиот Еврос, за да бидеме трајно безбедни од каква било идна закана, рече Мицотакис.
Додаде дека втората насока е зголемување на бројот на гранични полицајци, но и да постои подобра координација на техничките средства.
Се осврна и на миграциската политика, објаснувајќи дека е неопходно одвојување на бегалците од економските мигранти.
– Ако си бегалец и успееш да стигнеш во Грција, ќе бидеш добредојден. И ако сакаш да живееш во нашата земја, ќе ти обезбедиме и можности за тоа. Но, ако имаш профил на економски мигрант и знаеш дека нема да можеш да добиеш азил, не се обидувај да дојдеш, затоа што ќе бидеш вратен назад. А од моментот кога ќе дојдеш, најверојатно ќе бидеш во притвор. Само на овој начин, со строга, но праведна политика, можеме да ги разбиеме мрежите на криумчарите и навистина да го ограничиме бројот на мигрантските бранови, порача Мицотакис.
Дополнително рече дека разговорите со Турција се продуктивни и носат резултати во однос на нелегалната миграција, што е и „причината за намалените пристигнувања и на островите и практично нула бранови кај Еврос“.
Министерот за миграција и азил на Грција Танос Плеврис, говорејќи за миграциската политика рече дека во 2025 година, брановите се намалиле за 21 отсто, а намалувањето на нелегалните бранови од Турција достигнало речиси 60 отсто.
Од 62.000 илегални пристигнувања во 2024 година, минатата година имало 48.000, а пристигнувањата од Турција на островите се намалиле од 48.000 на 21.000.
февруари 27, 2026

