Вести
Членови на бендот на ДНК и гости сведочеа за пожарот во „Пулс“, прскалките се вклучиле на песната „Што сака нека биде“, судењето продолжува на 5 март
Во судницата во „Идризово“ денеска продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Сведочеа членови на бендот на ДНК и преживеани гости, кои ги опишаа паниката, стампедото и борбата за живот ноќта на трагедијата.
Пред судот сведочеа придружниот вокал на групата ДНК, Ана Костадиновска, музичарот Горан Тонев, и сведоците Роберто и Бојан, гости во дискотеката.
Костадиновска, која не е постојан член на бендот, туку настапувала како надворешен соработник, изјави дека на песната „Што сака нека биде“ се вклучиле прскалките, што, како што рече, било вообичаена практика на нивните настапи. Посочи дека почувствувала топлина и дека вокалот Панчо повикал да излезат, но во прв момент никој не ја сфатил сериозно ситуацијата.
– Инстинктивно погледнав нагоре. Се движевме бавно кон излезот. Вратата десно од мене беше заклучена, па излеговме по подолгиот пат кога ситуацијата веќе ескалира – рече Костадиновска.
Таа наведе дека не видела кој ги поставил или активирал прскалките додавајќи дека е можно тоа да го правело лице од техничката екипа или од клубот. Во стампедото паднала и била приклештена, а како што рече, внатре се чувствувало силен мирис, опиша дека терал на спиење. Помош добила од момче, кое, според нејзините сознанија, спасило повеќе лица. Поради повреди и изгореници, се лекувала во Кочани и во Скопје и, како што рече, сè уште чувствува последици.
Музичарот Горан Тонев сведочеше дека имал устен договор со клавијатуристот Филип Стефановски да настапува како гитарист со ДНК и дека вечерта пристигнал околу 22 часот. Пиротехничките средства, според него, биле веќе поставени кога се качиле на бината.
– Никогаш не сме разговарале во врска со пиротехника, секогаш разговаравме за репертоарот и звукот. Не знам кој ги поставил, ниту кој ги активирал – изјави Тонев.
Тој посочи дека околу 2.30 часот Панчо повикал публиката да излезе бидејќи плафонот почнал да гори по што огнот екстремно бргу се ширел. Опиша дека од таванот, обложен со сунѓереста изолација, капеле запалени делови, а просторот бил исполнет со густ чад и висока температура. Поради изгореници на дишните патишта, увото, вратот и на раката, се лекувал во Солун и сè уште не може целосно да ја извршува својата професија.
Сведокот Роберто, кој бил гостин и седел на маса пред бината, изјави дека платил влезница од 500 денари, без да добие фискална сметка и дека сметки не се издавале ниту за пијалаци. Според него, прскалките биле активирани во 2.32 часот кога снимал видео и по нивното догорување, се запалил дел од таванот.
– Првин мислевме дека е анимација, но кога сфативме дека е пожар, пејачот рече да излегуваме – рече сведокот додавајќи дека на излезот паднал и почнал да губи свест по што бил извлечен.
Наведе и дека не видел кој ги поставил или активирал прскалките, но дека претходно забележал женско лице, кое ги поместувало бидејќи ѝ сметале. Во врска со наводи за полициска рација, изјави дека полицијата дошла по избувнувањето на пожарот.
Бојан Клименков, преживеан од несреќата во дискотеката „Пулс“, сведочеше пред судот за моменти на пожарот во кој загинал и неговиот другар Петре Ивановски.
Клименков раскажа дека вечерта кога пристигнал во клубот, на бината забележал три прскалки.
– Ги видовме на почетокот, ги видовме дури кога ги запалија. Стоевме веднаш до нив и почувствувавме како нè печат. Забележав три прскалки. Не видов како и кога ги активираат. Никој не дојде да ги запали, мислам дека е на копче – рече Клименков.
Тој опиша како плафонот над една од прскалките се запалил по што настанала паника.
– По активирањето, се потргнавме настрана, видовме дека се запали плафонот над левата прскалка. Сите почнаа да врескаат, да велат „гори, гори“. Деко се појави на бината, се обиде да го изгасне пожарот, потоа Панчо рече „дечки, излегувајте“ и ние тргнавме накај влезот. Таму имаше стампедо од вецето до првата влезна врата, околу 300-400 луѓе, ништо не се гледаше, топлина, чад, јас се заглавив во стампедото и се онесвестив. Потоа дојдов при свест, се обидов да излезам, но врз мене имаше околу пет-шест тела. Ми помогна Горан Илиев. Кога лежев таму, ги видов сите што помагаа. Горан Илиев, Лазар Захариев, Методи Клименков, брат ми, Мартин Јосифов, Драган Петрушев. Потоа само се сетив на пожарникарите, тие беа тројца, ги тргнаа сите и се обидоа да влезат – раскажа тој.
Во сведоштвото истакна дека претходно работел како келнер во дискотеката три сезони, но не бил осигурен како вработен. За заклучената врата рече дека порано од таму излегувале малолетници при полициски рации. На прашањето дали знае кој поставувал пиротехнички средства, одговори дека не му е познато.
Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки, во присуство на обвинетите, роднини на жртвите и многубројни сведоци. Постапка се води против повеќе физички и правни лица за тешки дела против општата сигурност. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Следното рочиште е закажано за 5 март со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството.
февруари 25, 2026

