Connect with us

Вести

Хоџа: Коридорот 8 – столб на регионалниот развој и европската интеграција

Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа денеска го отвори министерскиот форум за Коридорот 8, кој се одржа во Тирана со учество на делегации од домаќинот Албанија, Северна Македонија, Бугарија, Италија и Романија, како и претставници од партнерски земји, информираат од МЖСПП.

Форумот послужи како платформа на високо ниво за продлабочување на меѓудржавната соработка и за забрзување на развојот на Коридорот 8 како стратешка артерија за модерен транспорт, за економски развој и за регионална безбедност, истовремено зајакнувајќи ги интеграцијата и поврзаноста со главните европски коридорски мрежи.

Во обраќањето министерот Хоџа истакна дека Коридорот 8 е многу повеќе од инфраструктурен проект – тој претставува развојна визија што го поврзува Јадранското со Црното Море и создава нови мостови на соработка меѓу економиите и народите во регионот.

– Коридорот 8 претставува трансформативна развојна оска со длабоко економско, геополитичко и еколошко значење – истакна министерот Хоџа.

Тој нагласи и дека унапредувањето на овој коридор е директен дел од агендата за европската интеграција, со што, според него, се зголемува конкурентноста на државата и се зајакнуваат врските со европските транспортни и енергетски мрежи.

Министерот потенцира дека инфраструктурниот развој мора да оди паралелно со еколошката одговорност, со почитување на стандардите за заштита на животната средина и биодиверзитетот. 

Форумот обедини претставници на јавни институции, европски институции, меѓународни финансиски институции и бизнис-заедницата, со цел унапредување на дијалогот за инвестиции, олеснување на трговијата и зголемување на конкурентноста по должината на Коридорот 8 претворајќи го во нов мотор на развој и просперитет за регионот.

Маркетинг
Ad 1
Ad 3