Connect with us

Регион

Грција потпиша договор со американската „Шеврон“ и грчката „Хеленик енерџи“ за истражувања на јаглеводороди јужно од Крит и Пелопонез

Во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, Грција ги потпишаа договорите со американската „Chevron“ и грчката „HELLENiQ Energy“ за доделување ексклузивните права за истражување и експлоатација на јаглеводороди во морските подрачја јужно од Крит и јужно од Пелопонез, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис посочи дека четирите блока каде што ќе дејствуваат двете компании опфаќаат огромна површина, денес програмата за истражување покрива околу 48.000 квадратни километри, а „со овој договор, само со потписот, површината ќе достигне 94.000 квадратни километри“.

Нагласи дека „Грција многу добро ја разбира улогата што јаглеводородите ја играат во енергетски систем на земјата“ и затоа инвестира во гасоводи, компресорски станици, ЛНГ терминали и електрани на природен гас, а „историската одлука на ЕУ постепено да го прекине увозот на руски природен гас, отвора нови можности за земјата“.

– Сакаме да произведуваме наш гас. Европа има потреба од него, а ние сакаме да го обезбедиме. Затоа ни е особено драго што ја пречекуваме „Chevron“ во Грција. Вие сте компанија со долга историја во јаглеводородите, што добро го знае Источниот Медитеран и како американска компанија, вашиот влез во Грција претставува уште еден доказ за многу силниот стратешки однос меѓу Грција и САД, однос што од ден на ден станува сè посилен. Резултатот од истражувањето е неизвесен, сите го разбираме тоа. Нема да имаме јасна слика додека не се обидеме. Но, веруваме во оваа мисија и драго ни е што и „Chevron“ и „HELLENiQ Energy“, нашиот национален „шампион“ во енергетиката, се овде како партнери, посочи Мицотакис.

На крајот на октомври минатата година, американската компанија „Chevron“ и грчката „HELLENiQ Energy“ ја добија концесијата за истражување и експлоатација на јаглеводороди во морските подрачја јужно од Пелопонез и јужно од Крит, откако еден месец претходно доставија заедничка понуда и заедничко учество на објавениот тендер од Министерството за животна средина и енергетика на Грција.

Маркетинг
Ad 3
Ad 4