Вести
На ФЗНХ одбележан Свети Трифун со традиционално закројување на лозјата
Со традиционално закројување на лозјата на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска беше одбележан празникот Свети Трифун. На настанот присуствуваа министерката за образование и наука Весна Јаневска, деканот на ФЗНХ, Миле Маркоски и амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер.
Министерката Јаневска упати честитка до земјоделците и ја истакна заложбата на Владата за зголемување на буџетските средства во образованието и науката, нагласувајќи дека нема веќе простор за просечни резултати.
– Ја користам приликата на сите граѓани, особено земјоделци, лозари и овоштари, да им го честитам овој значаен празник и да им посакам богат род, убави плодови. Денес сум тука во поддршка на Факултетот за земјоделски науки и храна, кој покажува проактивност како во образованието, така и во науката. Ние, како Влада, ќе ги поддржуваме ваквите проекти и ваквата активност, бидејќи цениме дека немаме веќе време за просечни и потпросечни резултати, рече Јаневска.
Владата, нагласи Јаневска, континуирано го зголемува буџетот за образование и наука, посочувајќи на разликата на издвоениот буџет од 2022 година и буџетот за оваа година.
– Вложуваме во образованието со зголемување на буџетот од година на година и за разлика од 2022 година, на пример, кога буџетот бил 2,9 милијарди, оваа година стигнавме до над седум милијарди денари. Во науката, минатата година вложивме 380 милиони, па потоа 680 милиони, годинава над 700 милиони, со што ја покажуваме интенцијата да го подобруваме општиот квалитет, како на образованието, така и на науката, рече Јаневска.
На настанот присутни беа и деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна Миле Маркоски, како и амбасадорот на Република Словенија во земјава, Грегор Прескер.
Деканот на ФЗНХ, Миле Маркоски, посака бериќетна година за земјоделските производители и посочи на улогата на Факултетот во спојот меѓу традицијата и иновациите.
– На сите земјоделци, на сите лозари, овоштари, моја честитка за денешниот празник, Свети Трифун. Исто така, посакувам, на сите земјоделци, на сите земјоделски производители, успешен род, бериќет во оваа 26-та година; да Свети Трифун, нашиот патрон, ги чува посевите, ги чува лозјата, ги чува овошните насади, за да имаме доволно количество храна. Факултетот за земјоделски науки и храна е место каде што студентите ги стекнуваат своите академски знаења, меѓутоа ја чуваат и традицијата, која ќе ја развиваат и иновативно и визионерски, за неговите потреби на нашата практика и на глобалната потреба, изјави Маркоски.
Амбасадорот на Словенија, Грегор Прескер, се осврна на долгогодишната развојна соработка и инвестициите во земјава, со посебен акцент на дигитализацијата во земјоделството.
– Како што знаете, Словенија е веќе 16 години присутна со развојна соработка во вашата земја. Во тоа време инвестираме повеќе од 47 милиони евра во различни проекти, во различни области, од инфраструктура до сега, образованието и науката. Навистина ни е мило да имаме еден проект кој е насочен во дигитализацијата на земјоделството. Имаме соработка со факултети, со универзитети, за да можат млади луѓе да се образуваат со нови, подобри системи, за да може земјоделството, кое е многу битна гранка во вашата земја, да се развива. Така сакаме да продолжиме со уште многу проекти, да овозможиме развој на големи групи на луѓе, особено на жени, на млади, и да продолжиме соработка со нашите имплементациски проекти и со локалните заедници пошироко, рече Прескер.
февруари 15, 2026

