Вести
Цвета Ристовска поднесе оставка од функцијата член на Kомисијата за спречување на корупцијата
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Цвета Ристовска, денеска, до претседателот на Собранието, Африм Гаши, поднесе оставка од функцијата, што МИА ја пренесува интегрално.
ДО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Г. Африм Гаши, претседател
Почитуван г. Гаши,
Во согласност со член 14 став 1 алинеа 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите, јас, Цвета Ристовска, поднесувам оставка од функцијата член на Државната комисија за спречување на корупцијата.
По недели јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со мојата работа во Државната комисија за спречување на корупцијата, донесов одлука да поднесам неотповиклива оставка од функцијата член на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Во текот на целата моја професионална кариера, вклучително и работењето во Комисијата, својата работа ја извршував законито, совесно и со најдобра намера.
Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста. Во сите ситуации во моето работење во Комисијата, во кои постоеше можност за потенцијален судир на интереси, барав изземање во согласност со законот. Никогаш немав намера да прикријам информација, напротив, ги почитував законските обврски.
Убедена сум дека секој што извршува јавна функција мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет.
На Државната комисија за спречување на корупцијата ѝ посакувам успешен и професионален придонес во служба на јавниот интерес.
Со почит,
Цвета Ристовска
февруари 14, 2026

