Вести
Министерството за дигитална трансформација и Асоцијацијата за е-трговија потпишаа меморандум за соработка
Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија (АЕТСМ) и Министерството за дигитална трансформација потпишаа меморандум за соработка, со кој Министерството официјално пристапува како почесен член на Асоцијацијата.
– Меморандумот воспоставува рамка за институционална соработка во областите на е-трговијата, дигитализацијата, вештачката интелигенција, дигиталните вештини и иновациите, со цел забрзување на дигиталната трансформација и развој на дигиталната економија во земјата – информираат денеска од Асоцијацијата за е-трговија.
На состанокот била истакната важноста на е-трговијата како интегрален дел од дигиталната економија и како клучен двигател на конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија. АЕТСМ ја нагласила својата улога во поддршка на бизнис-секторот преку развој на нови продажни онлајн-канали, едукација, истражувања и иницијативи за унапредување на пазарот.
Во рамките на соработката, страните ќе разменуваат информации, анализи и експертиза, ќе учествуваат на заеднички настани и обуки, ќе развиваат едукативни и развојни програми и ќе разгледуваат можности за заедничка подготовка и реализација на проекти на национално и меѓународно ниво.
– Поттикнувањето на дигитализацијата на бизнис-секторот е еднакво важна како и дигитализацијата на државната управа. Таа нуди нови можности за раст на бизнисите, поголеми приходи, рационализација на расходи и простор за иновации. Оттука, партнерството со Асоцијацијата за е-трговија сметаме дека ќе придонесе кон поголема мобилизација на бизнис-секторот во насока на откривање на можностите што ги нудат новите алатки – истакна Андоновски.
Асоцијацијата изразила подготвеност да придонесе во имплементацијата на стратегијата за дигитализација „Смарт МК 2030“, особено во делот на дигитализација на ММСП, развој на дигитални вештини и поттикнување на безготовинските плаќања.
– Е-трговијата не е само уште еден канал на продажба – таа е инфраструктура на модерната економија. Преку оваа соработка со Министерството за дигитална трансформација правиме чекор кон системско позиционирање на е-трговијата како двигател на дигиталната економија и конкурентноста на македонските компании – посочила претседателката на АЕТСМ.
Соговорниците разговарале и за важноста од стимулирање на безготовинските плаќања и можните заеднички иницијативи во таа насока, кои во наредниот период ќе бидат дополнително разгледувани и разработувани.
февруари 14, 2026

