Регион
Продолжува блокадата на Ибарската магистрала од производителите на млеко во Србија
Земјоделците од српските градови Чачак и Краљево, кои од вчера попладне ја блокираа Ибарската магистрала крај Мрчаевци, одлучија да продолжат со протестот сè додека владата на Србија не ги исполни нивните барања.
Тие бараат контрола на увозот на млеко и млечни производи, прелевмани и увозни квоти, гарантиран откуп на млеко од сите производители и враќање на откупната цена на млекото на одржливо ниво.
Во изјава за српски медиуми тие велат дека владата и надлежните министерства ги игнорирале нивните барања поради што одлучиле да го блокираат сообраќајот на таа сообраќајна магистрала сè додека не се исполнат нивните барања. Додаваат дека тоа е нивната „решавачка битка, што не смее да ја изгубат“.
Тие цела ноќ ја поминаа во кабините на своите трактори или покрај запалени огнови нагласувајќи дека тоа е сигурно најголемиот протест на земјоделците што некогаш се одржал во Србија.
Најавена е и блокада на уште неколку патишта во Србија.
Повеќе од 100 производители на млеко учествуваа во блокадата на Ибарската магистрала во Мрчајевци, кои дојдоа на протестот со трактори, а стотици луѓе дојдоа со своите автомобили за да ги поддржат производителите на млеко и нивните барања.
Немаше инциденти во текот на вчерашниот ден и во текот на ноќта.
февруари 12, 2026

