Скопје
Ѓорѓиевски: Скопје ќе го направиме модерен, чист, функционален и достоинствен град
Тоа што го постигнавме за толку кратко време, не е случајност. Ова е резултат на работа. На чесност. На одговорност. И ова не е само мој успех, ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека можеме поинаку. Ова е доказ дека кога градот се води со љубов, а не со личен интерес, резултатите доаѓаат. Наследивме долгови, но, градиме иднина. Наследивме хаос, но, воспоставуваме ред. Наследивме разочараност, но, ја враќаме надежта. Пред нас стојат уште предизвици. И нема да бегаме од нив, туку со подготвеност ги прифаќаме. Затоа што овој мој мандат не е за удобност, туку за промени. Ние нема да дозволиме Скопје никогаш повеќе да биде ограбувано, запоставувано и уништувано, нагласи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција, каде информираше за сработеното и за тоа што допрва доаѓа.
– Ќе го направиме Скопје – модерен, чист, функционален и достоинствен град. Град каде младите ќе сакаат да останат. Град каде семејствата ќе живеат сигурно, посочи Ѓорѓиевски.
Тој рече дека денес стои како човек кој ја презел најтешката одговорност во историјата на овој град.
– Одговорност да се извлече Скопје од колапс, од хаос и од долгови создадени со години неодговорно владеење. Кога заедно ја добивме битката за Скопје, не добивме лесна задача. Добивме урнат систем. Добивме град на раб на банкрот. Добивме институции без ред, без визија и без надеж. Но, добивме и нешто поважно – доверба од граѓаните. И јас си дадов збор дека таа доверба нема да биде изневерена. Дека нема да се жалиме. Дека нема да бараме изговори. Дека ќе работиме. И работевме. Секој ден. Секоја ноќ. Влеговме во секоја девастирана пора на системот што ни го оставија. Јавни претпријатија со блокирани сметки. Вработени без плата. Луѓе кои со години земале плата без да стапнат на работа. Град претворен во депонија. Машини расипани. Автобуси во гаражи, посочи градоначалникот, додавајќи дека врз сето тоа, имало и долг.
Тој рече дека за само два месеца намалиле повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија.
– И паралелно започнавме најмногу капитални проекти што овој град ги видел. Кога ја преземав функцијата, на буџетската сметка имаше само 56 милиони денари, а истиот ден нè чекаа извршни решенија од 48 милиони денари. Реално, само осум милиони денари во касата на градот. Затекнавме долгови од речиси 300 милиони евра по основ на обврски, кредити и судски спорови. Но, наместо да кукaме, засукавме ракави. Го направивме првиот ребаланс на Буџетот за 2025 година, ја засиливме наплатата на приходите и воведовме дисциплина во секој сегмент. Ја нормализиравме исплатата на платите во „Дрисла“, „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Лајка“, „Флораком“ и „Луна“, каде што се доцнеше по две плати, обврски од околу 450 милиони денари. Потоа го донесовме Буџетот за 2026 година во износ од 5,2 милијарди денари – зголемен за 12 проценти споредбено со 2025 година. Благодарение на сериозната наплата и штедењето, пренесовме вишок од 482,9 милиони денари – за првпат по долги години, Град Скопје има повеќе пари отколку обврски. И токму затоа можевме да тргнеме во најголемата инвестициска офанзива во историјата на градот. Во капиталните инвестиции вложивме 33,4 проценти повеќе од претходната година и веќе реализиравме 389,7 милиони денари. Јануари 2026 година стана најуспешниот јануари досега по приходи и реализација, рече градоначалникот.
Тој додаде дека започнале со изградба на мини – паркови низ Скопје и со мега – паркот „Христијан Тодоровски – Карпош“ во Бутел, за што рече, ќе стане новото зелено срце на градот.
– Сериозно вложивме во образованието. Завршивме со изградба на спортски терени во шест средни училишта, а продолжуваме и во 2026 година во нови средни училишта. Обезбедивме 60 милиони денари за реконструкција на училишта, прочистувачи за воздух во секоја училница, целосна дигитализација со смарт – табли, панели и компјутери, 86 милиони денари за енергетска ефикасност и лаптоп за секој првенец на генерација. За првпат воведуваме униформи за прва година, летни кампови за ранливи категории и воведуваме целосно бесплатна психолошка поддршка за сите ученици за првпат во историјата на Град Скопје, додаде Ѓорѓиевски.
Посочи дека во инфраструктурата ги откочиле проектите што со години стоеле на милост и немилост.
– Кај клучката на Момин Поток е исплатена експропријацијата и работите одат со засилено темпо за конечно ставање во функција на оваа клучна артерија во градот. Во фаза сме на супервештачење за објект на булевар АСНОМ, со што во функција ќе го ставиме и таканаречениот мост за ловење риба во текот на 2026 година. Веќе започнавме и со реализација на фаза 1 од булевар Македонија, а во најбрз рок ќе започнеме и со фаза 2 на овој булевар, додека фаза 4 за која исто така има обезбедено средства во Буџетот на Град Скопје за 2026 година, ќе отпочне до крајот на годината. Со завршување на сите овие фази и третата која веќе е завршена, Скопје ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница. Во напредна фаза на преговори сме и за експропријација на објектите на булеварот Борис Трајковски, а за довршување на истиот веќе имаме обезбедено средства во Буџетот за 2026 година. Конечно, после години изговори и ветувања пред избори, артеријата која секојдневно ја користат стотици илјади жители, ќе функционира нормално. Истоверемено, реконструкцијата на улицата која е исклучително важна за аеродромци, Фрањо Клуз, е веќе во втора фаза, а започнувавме и со реконструкцијата на улица Перо Наков, наброја Ѓорѓиевски.
Биле обезбедени и дополнителни 150 милиони денари во Буџетот на Град Скопје за 2026 година за реконструкција и рехабилитација на помали улици во градот. Во Буџетот за 2026 година, обезбедени биле средства за булевар Февруарски поход, Цветан Димов и уште многу други сообраќајни решенија.
– Во јавните претпријатија започнавме обнова каква што не памети Скопје. Набавуваме нови специјални возила за „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“ и „Градски паркинг“, кои се само дел од нашиот цврсто поставен план за подобрување на услугите, а со тоа и животот на граѓаните. Истовремено, предвидуваме инвестиции во делот на набавка и поставување на контејнери, канти за ѓубре и воспоставување на систем за воведување на ред во делот на хигиената и јавната чистота. Ги подобруваме условите во „Градски паркинг“ преку инвестирање во нови проекти во делот на зонското паркирање, како и градење на нови монтажни паркинзи кои се дел од мојата програма, како и конечно ставање ред со паркирањето во Клиничкиот центар преку изградба на две монтажни гаражи што ќе решат огромен проблем, истакна градоначалникот.
Тој рече дека го откочиле и најголемиот еколошки проект во историјата на Скопје – пречистителната станица за отпадни води, вредна околу 185 милиони евра.
– Во „Водовод“ започнавме десетици проекти: нови цевководи за високите зони, реконструкции, атмосферска канализација, премини под булевари, заштита од поплави и стабилно водоснабдување.
Со „Флораком“ и „Луна“ ја обновуваме зелената инфраструктура, ги намалуваме трошоците и го враќаме луна-паркот. кој ќе биде завршен во втората половина на 2027 година. Луна паркот е еден од моите најдраги проекти. После повеќе од деценија ветувања, секако лажни, изговори – конечно на најмладите ќе им обезбедиме современ простор за забава, за нови спомени со семејствата и безгрижна игра преку содржини кои ќе бидат едни од најубавите во регионот, подвлече Ѓорѓиевски.
Скопскиот градоначалник посочи дека се прошируваат капацитетите на „Лајка“ со инвестиција од 30 милиони денари за побезбедно и похумано справување со бездомните животни.
– Обезбедивме над 90 милиони денари за реконструкција и опрема на културните установи кои ги затекнавме во катастрофална состојба, како и дополнителни 25 милиони денари за намалување на обврските на истите. Во делот на обврските, за само два месеца бележиме сериозно намалување на обврските на Град Скопје за повеќе од 40 милиони евра, но, ова е само првиот чекор во планот за целосно стабилизирање на градот, додаде градоначалникот.
Тој рече дека паралелно со ова, ги намалиле и долговите, меѓу нив и оние на јавни претпријатија.
– Паралелно со сето ова, ги намалуваме долговите. За само два месеца ги намаливме тековните обврски за над 4,6 милиони евра, кредитите за над 1,2 милиони евра и драстично ги скративме долговите на јавните претпријатија. Во „Водовод и канализација“ за 1,3 милијарди денари, „ЈСП“ за 427 милиони, „Комунална хигиена“ за над 130 милиони, „Паркови и зеленило“ за над 80 милиони, „Дрисла“ за 14,5 милиони и „Градски паркинг“ за 41,6 милиони денари, информираше Ѓорѓиевски.
Градоначалникот им се заблагодари на оние кои го платиле данокот на имот.
– Тоа е директен придонес за функционирањето и развојот на градот. Во исто време, сакам да ја информирам јавноста дека Град Скопје презеде конкретни мерки и блокираше 17.694 сметки на физички и правни лица за неплатен данок на имот за 2021 година, во вкупен износ од 1,3 милиони евра. Апелирам до сите граѓани и компании во наредните 15 дена да ги подмират своите обврски по основ на данок на имот за периодот од 2022 до 2025 година. Станува збор за 96.562 физички лица и 2.335 правни субјекти кои вкупно му должат на градот 19,5 милиони евра – средства кои се од клучно значење за инфраструктурата, јавните услуги и подобрување на квалитетот на живот во Скопје. Ред мора да има, а секој денар наплатен во буџетот значи повеќе проекти и подобар град за сите, порача Ѓорѓиевски на прес-конференцијата.
февруари 5, 2026

