Connect with us

Вести

Велковски: Работиме на нова сеопфатна рамка за професионална рехабилитација и вработување лица со попреченост

Вистинското партнерство не значи само застапување, туку учество во креирање решенија, споделување одговорност и заедничко градење политики. Инклузијата не е прашање на една институција, една држава или едно место, таа е заеднички проект на целиот регион и на сите нас, порача заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски на отворањето на трилатерална конференција посветена на унапредување на вклучувањето на лицата со попреченост и зајакнување на регионалната соработка за одржлив развој.

Велковски, во својот воведен говор на конференцијата, што се одржува денеска во Скопје во организација на здружението Институт за развој на заедницата, во партнерство со Фондацијата „Преда плус“ и АДРФ, а во рамките на регионалната иницијатива Empowered, нагласи дека инклузијата не е изолирана тема, туку клучно прашање за развој, демократија и конкурентност на нашите општества.

-Во тој контекст, сакам да потсетам дека сите наши држави имаат јасни и меѓународно преземени обврски, особено согласно Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, која нè обврзува не само формално да ја почитуваме, туку суштински да ја претвораме во јавни политики, буџети и конкретни услуги. Но, истовремено, овие процеси бараат поголема одговорност од сите нас — и од институциите, и од приватниот сектор, и од граѓанското општество — особено во примената на Конвенцијата – нагласи Велковски.

Вистинското прашање денеска пред нас, како што посочи Велковски, е дали државите од Западен Балкан и Средна Европа ќе изградат системи што го препознаваат потенцијалот, а не попреченоста.

– Како Министерство за социјална политика, демографија и млади, со поддршка од младите, ние сме во центарот на суштинска трансформација: од фрагментиран социјален систем, кој не е систем на права, услуги и можности. Нашата улога е да градиме политики што создаваат автономија, учество и достоинствен квалитет на животот. И да бидеме, навистина, подготвени да се бориме против наследените социјални модели, услуги што не се поврзани со реалните потреби и големиот број пречки за различните групи во општеството. Во таа насока, дозволете ми да најавам, во овој момент работиме на нова, сеопфатна рамка за професионална рехабилитација и вработување на лица со попреченост, која за прв пат воведува модел базиран на работна способност за подобра инклузија и достапност – посочи Велковски.

Законот, како што посочи Велковски, предвидува и воведување на квотен систем, задолжително вклучување на лица со попреченост во јавниот и приватниот сектор, како јасна порака дека инклузијата не е доброволна опција, туку системска обврска.

– Ова е закон што треба да донесе промена не само во институционален контекст, туку и во начинот на размислување — од култура на заштита кон култура на учество и општествена активност како заедничка одговорност. Паралелно со поддршката од Светска банка започнавме процес на воспоставување сеопфатен и интегриран систем за проценка на попреченоста, преку кој градиме систем што ги препознава функционалните бариери и создава поврзаност со интеракцијата со општеството – изјави Велковски.

Конференцијата, како што посочува организатроот, на едно место ги собира претставниците на релевантните министерства, организации на лица со попреченост, експерти и приватниот сектор од Република Северна Македонија, Албанија и Косово – појаснија организаторите. Целите се промоција на учеството на лицата со попреченост во креирањето политики и институционални реформи, поттикнување на хармонизацијата на законодавството со Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, јакнење на регионалната соработка и мрежите за застапување за размена на знаење и добри практики, идентификување конкретни чекори и иновативни решенија за инклузивен пазар на труд, унапредување на механизмите за поддршка за долгорочно вклучување.

– Конференцијата претставува платформа за размена на искуства, презентација на добри практики и зајакнување на партнерствата меѓу организации и институции од Северна Македонија, Албанија и Косово, со цел поттикнување регионален дијалог и заедничко дејствување кон поинклузивни политики и практики – потенцираа организаторите.

Во рамките на конференцијата предвидено е учесниците да дискутираат на два панела. Првиот е за регионална соработка, иновации и застапување за системски промени во областа на вклучувањето. Вториот е за политики за вработување и поддршка за вработување на лица со попреченост.

Носител на проектот е АСБ South East Europe. Проектот е финансиран од страна на Сојузното министерство за економска соработка и развој на Сојузната Република Германија (БМЗ).

Маркетинг
Ad 3
Ad 4