Вести
Сали: ЕУ треба да биде поблиску до граѓаните, не само со ветувања, туку преку конкретни резултати
Постепената интеграција во Европската Унија е можност реформите во Северна Македонија да се претворат во видливи придобивки за граѓаните, како поевтини плаќања преку „SEPA“, подобра дигитална поврзаност, нови можности за бизнисите и приближување кон европските програми, порача вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали по денешната тет-а-тет средба во Брисел со еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Како што информираше Сали, во фокусот на разговорот биле европската иднина на земјата, како и можностите што ги нуди новиот пристап на Европската Унија кон проширувањето.
– Европа треба да биде поблиску до нашите граѓани, не само преку ветувања, туку преку конкретни резултати. Разговаравме за европската иднина на Северна Македонија и можностите што ги отвора новиот пристап на ЕУ кон проширувањето. За нас, постепената интеграција е можност реформите да се претворат во видливи придобивки: поевтини плаќања преку SEPA, подобра дигитална поврзаност, нови можности за бизнисите и приближување кон европските програми. Нашата земја останува посветена на реформите. Истовремено, веруваме дека напредокот треба да се вреднува според заслугите и да биде проследен со конкретни чекори кон членството. Особено ми е драго што комесарката Кос имаше можност директно да комуницира и со медиумите од нашата земја, преку интервју посветено на европската перспектива. Европската интеграција треба да биде процес што граѓаните го гледаат, го чувствуваат и од кој имаат придобивки – нагласи вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали.
На средбата биле разгледани и Планот за раст и евроинтегративниот процес на земјава, при што еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека уставните измени се чекорот што треба да се направи за да продолжи евроинтегративниот процес без дополнителни политички одлуки и упати апел до Владата да ја исполни таа обврска.
– Нема многу работи што треба да се направат. Има многу, но станува збор за еден чекор – уставните измени. Откако ќе бидат усвоени уставните амандмани, ќе можеме да продолжиме без дополнителни политички одлуки. Затоа, ова е мојот апел до Владата: ве молам, направете го тоа, исполнете ја вашата обврска. Сигурна сум дека тогаш ќе можеме да продолжиме напред, во најдобар интерес на вашите граѓани – посочи Кос.
Оцени дека актуелниот момент е можност за напредок на Северна Македонија кон ЕУ, посочувајќи ги чекорите што ги преземаат другите земји од регионот.
– Живееме во историски момент во кој некои други земји од Западен Балкан напредуваат. Се надевам дека многу наскоро ќе го потпишеме пристапниот договор со Црна Гора. И Албанија напредува добро. Значи, ова е навистина вистинскиот момент и Северна Македонија да продолжи напред. Од политичарите во Северна Македонија зависи да ги исполнат очекувањата – порача Кос.
Сали престојува во дводневна посета на Брисел, во чии рамки остварува средби со претставници на европските институции посветени на евроинтеграциите и продлабочувањето на соработката со Европската Унија.
октомври 24, 2026


