Култура
Руралните семејства се наша гордост, историја, традиција, култура и бренд-амбасадори на Македонија, порачаа Љутков и Неделковски
Руралниот и искуствениот туризам со години беше маргинализиран, без јасна институционална стратегија и поддршка, со исклучок на поддршката на неколку меѓународни програми и амбасади. Но, со фузирањето на туризмот и културата, препознавме огромен потенцијал во овој досега недоволно видлив дел од туристичката понуда. Домаќинствата и малите производители се моторот на локалната економија и токму во нив ќе инвестираме сè повеќе, континуирано и стратешки, рече денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков на прес-конференција по повод Саемот за туризам: рурални домаќинства, што ќе се одржува викендов во Скопје.
Љутков најави дека настани како овој Саем за туризам, со фокус на руралните домаќинства и производителите на органска храна, ќе бидат значително позастапени во програмата за 2026 година, а уште поинтензивно во 2027 и 2028 година.
-Преку проектот Е-75 што неколку пати го највивме, нашата цел е развој на транзитниот туризам. Целта е од просечен 24-часовен престој во 2026 година, да стигнеме до минимум 72 часа по турист до 2028 година, долж оваа клучна траса, подвлече министерот.
Како што информира, годинава Министерството издвојува 36 милиони денари за програмски активности и дополнителни 150 милиони денари за субвенции во туризмот.
-Овие средства ќе се зголемуваат секоја следна година, бидејќи и ние и Владата сме свесни дека инвестицијата во промоција носи директен економски ефект. Денес знаеме дека секој вложен денар во туризмот носи четирикратен поврат и токму затоа не се двоумиме да инвестираме во сектор што треба цврсто да застане на свои нозе, дециден е Љутков.
На прес-конференцијата зборуваа и директорот на Земјоделскиот институт – Скопје, Душко Неделковски, амбасадорот на Словенија, Грегор Прескер, како и заменик-шефот на мисијата во Амбасадата на Швајцарија, Михал Харари. Како што беше речено, руралните семејства се наша гордост, историја, традиција, култура и бренд-амбасадори на Македонија.
Словенечкиот амбасадор рече дека Саемот е посебна приказна која го промовира агро-туризмот.
-Овој проект има јасна и хумана цел – зачувување на природата и подобрување на животот на луѓето во руралните средини, посебно на младите и жените на кои им се зајакнува економска независност, но и улогата во заедницата, што не е само економско прашање, туку и прашање на достоинство, правична застапеност и прашање на иднината. Ние силно веруваме во потенцијалот на руралните заедници и во силата на локалните луѓе, а ова е инвестиција во луѓето, во животната средина и во европската перспектива, потенцира Прескер, додавајќи дека неговата земја сака да го пренесе своето искуство во Македонија.
Според него, во Словенија има околу 1 400 семејства кои промовираат земјоделство и рурален туризам.
-Со развој на одржливо земјоделство и туризам се отвораат многу можности за приходи, нови работни места и нова надеж за младите да останат во своите родни места, укажа амбасадорот.
Директорот на Земјоделскиот институт, Неделковски најави дека утре, во рамки на Саемот, ќе биде промовирана публикација за агро-еко туризам – вид прирачник за руралните семејства што треба да им помогне во градењето и развојот на бизнисот.
Со проектот што го имплементира Институтот, информира директорот, во Македонија досега се мапирани повеќе од 100 рурални домаќинства, а според последните податоци, за една година двојно е зголемен интересот кај младите за развој на еко-туризмот.
-Главната цел на проектот е да им помогнеме на руралните домаќинства за да се зголеми нивната егистенција, тие да добијат дополнителна финансиска поддршка и целиот тој бенефит на крај, да прерасне во развој на нивните рурални средини. Во нашата држава просечната старост на земјоделците е околу 55 години и оттука, нашата идеја е да поттикнеме интерес кај помладите во руралните средини за развој на агро-еко туризмот, потенцира директорот.
Како што дополни, во Македонија има преку 4 000 земјоделски домаќинства и секое има потенцијал за развој на рурален туризам.
-Секој што има желба и идеа може да ја претвори во агро-еко туризам. Во моментов недостасуваат сместувачки капацитети, но може да се искористат постојните. Не мора сите фарми да имаат капацитети, туку едни може да нудат производи, а други сместување, но битно е да се вмрежат, рече Неделковски и најави обуки, како и консултации за руралните домаќинства кои се заинтересирани за развивање туризам.
Заменик-шефот на мисијата во Амбасадата на Швајцарија, Харари нагласи дека градењето просперитетна активна туристичка дестинација никогаш не е резултат само на индивидуални напори. Потребна е, рече, соработка меѓу давателите на услуги, силни врски со локалното население и заедничка одговорност за одржлив развој.

-Туризмот е моќен двигател на одржлив економски развој кога ги пресретнува очекувањата на посетителите. Видовме многу успеси кога давателите на услуги ја диверзифицираат и збогатуваат туристичката понуда, обично со комбинирање активности на отворено, култура, гастрономија и локални производи. Ова им помага на дестинациите да останат конкурентни, да дојдат до нови пазари и да привлечат посетители кои остануваат подолго и се ангажираат позначајно. Во исто време, подобрениот пристап до пазарот и посилната видливост им овозможуваат на локалните даватели на услуги одржливо да ги развиваат своите бизниси, а воедно да ја зачуваат автентичноста и карактерот на дестинацијата, потенцира Харари.
Осврнувајќи се на соработката со Македонија, таа посочи дека Швајцарија, преку Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – IME, повеќе од десет години го споделува своето знаење и ги поддржува давателите на услуги за одржлив туризам, руралните домаќинства, винариите и земјоделските бизниси да работат заедно и да создаваат вредност врз основа на културата, пејзажите и гостопримството. Швајцарија, дополни, ги поддржува давателите на турстички услуги во Охрид, Крушево, Мариово и пошироко во воведувањето одржливи практики, диверзифицирање на понудата и јакнење на пазарните врски.
Саемот за туризам: рурални домаќинства ќе се одржува утре и задутре во „Јавна соба“, а најавено е учество на 50 излагачи од цела Македонија. Влезот е бесплатен за сите посетители кои ќе можат да дегустираат органски производи, вина, ракии, традиционални специјалитети и домашни преработки, а планирано е да добијат и ваучер со 15 отсто попуст и на производите и на услугите што руралните домаќинства ги нудат.

На саемот се поканети и туристички агенции кои работат дојдовен туризам, со цел остварување директни средби со домаќинствата и склучување договори за соработка. Овие партнерства, како што рече министерот Љутков, се клучни за одржлив развој и за постигнување на потребните стандарди.
Саемот го организираат Министертвото за култура и туризам, „Јавна соба“, Земјоделскиот институт – Скопје, Амбасадата на Република Словенија и швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.
јануари 31, 2026

