Култура
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ прикажан во МКИЦ во Софија
Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија вчеравечер беше прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ на режисерот и сценарист Гоце Цветановски во рамките на културната програма на Центарот и заложбите за промоција на македонската современа уметност и филмска продукција надвор од државните граници, наведува МКИЦ – Софија во соопштение, што МИА го пренесува интегрално.
Проекцијата привлече многубројна публика составена од љубители на филмот, претставници на културната и уметничката сцена, како и гости заинтересирани за современите достигнувања на македонската кинематографија. Прикажувањето на филмот во македонскиот КИЦ овозможи непосреден контакт на публиката со едно дело, кое, и по својата форма и по својата содржина, претставува преседан и исклучителен успех во рамките на македонската филмска продукција.
Филмот „Јон Вардар против галаксијата“ својата премиера во Софија ја имаше во 2025 година во киносалата „Синема сити мол Софија“ по што Македонскиот културно-информативен центар ги обезбеди правата за негово прикажување во сопствениот програмски простор. Со тоа Центарот ја продолжи својата мисија да биде активна платформа за претставување на значајни македонски културни проекти пред меѓународната јавност.

Станува збор за научнофантастичен анимиран филм со нагласен хумористичен и сатиричен пристап, кој преку динамична нарација и богата визуелна естетика раскажува приказна со универзална порака. Филмот досега има освоено повеќе значајни меѓународни награди на реномирани филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија, Австралија, Србија што претставува силна потврда за неговата уметничка вредност и меѓународна релевантност. Овие признанија ја истакнуваат оригиналноста на авторскиот пристап и високото продукциско ниво, ретко присутно во ваков формат во македонската кинематографија.
Главниот лик Јон Вардар е неконвенционален и харизматичен јунак, кој се впушта во сложена и возбудлива интергалактичка мисија, исполнета со низа неочекувани ситуации, необични вселенски суштества и духовити дијалози. Иако дејството е сместено во далечни галаксии, тематскиот фокус на филмот е длабоко човечки и актуелен. Преку авантурата на главниот јунак се обработуваат прашања поврзани со личниот избор, одговорноста, слободата и храброста, прикажани на начин кој е пристапен и за помладата и за возрасната публика.
Посебен впечаток остава визуелниот идентитет на филмот, кој се одликува со уникатна анимациска стилистика, внимателно изграден свет и богата палета на визуелни детали. Духовитите и интелигентни дијалози заедно со динамичниот ритам на раскажување придонесуваат филмот да се доживее како современо и свежо авторско остварување, кое успешно ги надминува жанровските и географските ограничувања.
Со својата храброст, иновативност и јасна авторска визија „Јон Вардар против галаксијата“ се наметнува како дело со силен меѓународен потенцијал и како значаен културен репер за развојот на македонската анимација. Проекцијата во Македонскиот културно-информативен центар во Софија уште еднаш ја потврди улогата на Центарот како важен мост за културна размена и промоција на македонската културна продукција во странство.
Македонски културно-информативен центар во Софија
јануари 30, 2026

