Вести
Николоски во Загреб оствари бројни политички средби, Македонија и Хрватска се пример за регионална соработка
Силната поддршка за Македонија за евроинтегративниот процес и заложбите за интензивирање на политичките и на економските релации меѓу Македонија и Хрватска беа потврдени на средбата во Загреб помеѓу заменик-претседателот на Владата, Александар Николоски, и Маријана Петир, пратеничка во хрватскиот Сабор.
Вицепремиерот Николоски, како што информираат од неговиот кабинет, на средбите го потенцирал и проблемот за транспортерите од земјата и регионот и побарал силна поддршка од Хрватска во надминување на состојбата со нивните работни активности во рамки на шенген-зоната.
Николоски истакнал дека овој проблем има регионално значење и неговото брзо надминување ќе придонесе за стабилност на регионалната економија и побрз проток на стоки и услуги кон европските пазари.
При работната посета во Саборот, Николоски оствари средба и со Андро Крстуловиќ-Опара, претседател на Одборот за надворешна политика.
– Добрите односи меѓу двете земји претставуваат пример за регионална соработка, заснована на пријателство, заемна поддршка и визија за европската перспектива. Ваквата улога во регионот има значајно влијание врз унапредување на стабилноста во регионот, економскиот развој и интеграцијата – наведуваат од Министерството за транспорт.
На средбите Николоски ги потенцирал и реформите што ги презема Владата во делот на евроинтегративните процеси и истакнал дека искуствата преземени од Хрватска особено придонесуваат за зајакнување на институционалните капацитети на земјата.
– Во делот на политичката соработка, билатералните односи се карактеризираат со отворен дијалог и меѓусебна поддршка. Како две партнерски земји членки на НАТО ја делат одговорноста во обезбедување стабилност во регионот и справување со современите безбедносни предизвици – се вели во соопштението.
Во рамките на работната посета на Загреб вицепремиерот Николоски имаше средба и со генералниот секретар на ХДЗ, Крунослав Катичиќ, на која биле потврдени добрите односи меѓу двете земји, а се разговарало и за перспективите за нашата држава и регионот.
јануари 29, 2026

