Свет
Саркози бара спојување на казните за да избегне повторно носење електронска алка
Адвокатите на поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, соопштија дека на 27 ноември 2025 година до судот поднеле барање за спојување на казните изречени во предметите познати како „прислушувања“ и „Бигмалион“, со цел да се избегне повторно носење електронска алка, пренесе телевизијата БФМ.
Како што наведуваат неговите адвокати, Саркози ја покренал оваа постапка по пресудата во случајот „Бигмалион“, донесена кон крајот на ноември 2025 година, со која беше осуден, а со цел да не мора повторно да носи електронска алка. Со тоа тие ги потврдија претходните информации објавени од „Франсинфо“.
Барањето било поднесено еден ден по одлуката на Апелацискиот суд, со која беше потврдена шестмесечна затворска казна, со можност за издржување надвор од затвор, во случајот „Бигмалион“.
Одбраната побарала при евентуалното спојување на казните да се земе предвид и пресудата во предметот „прислушувања“, во кој поранешниот француски претседател беше осуден на една година затвор и носеше електронска алка од февруари до мај 2025 година.
Расправа по ова барање е закажана за 23 февруари пред суд во Париз. Доколку судот го прифати барањето, Саркози нема повторно да мора да носи електронска алка.
„Барањето за спојување на казните е сосема вообичаена процедура во вакви случаи“, соопштија адвокатите на Саркози.
Случајот „Бигмалион“ се однесува на обвиненијата дека Никола Саркози учествувал во финансиски малверзации за време на претседателската кампања во 2012 година.
Во наредните месеци, на Саркози повторно ќе му се суди во жалбена постапка поради наводното финансирање на претседателската кампања во 2007 година од страна на Либија. Расправата е закажана да се одржи од 16 март до 3 јуни.
јануари 26, 2026

