Connect with us

Политика

Иако негови сопартијци бараат: Филипче вели дека не поднесува оставка

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска порача дека нема намера да се повлече од функцијата бидејќи, како што истакна, неговата главна цел е да продолжи да се бори за „заздравување на општеството, искоренување на корупцијата и враќање на државата на европскиот пат“.

На прес-конференција Филипче нагласи дека тековните критики кон него и кон партијата доаѓаат од, како што рече, „поединци, кои се уценети или купени“ додавајќи дека вистинските членови на СДСМ и поддржувачите ги препознаваат тие обиди да се ослаби опозицијата.

– Јас верувам во ова што го правам. Човек сум што работи прецизно и добро пресметав пред да се нафатам на ова. Сакам ова општество да заздрави, да биде исчистено од корупција, да се направат реформите и да влеземе во Европската Унија. Тоа е мојата стратешка цел – изјави Филипче.

Тој додаде дека опозициската борба ќе продолжи интензивно потенцирајќи дека земјата, според него, е економски пред бездна и дека актуелната влада ја води државата кон изолација.

Филипче истакна дека СДСМ останува целосно обединета партија, со синхронизирана и компактна пратеничка група, а дека процесот на внатрешна консолидација во општинските организации е во тек.

– Мојата работа се темели на чесни намери и верувам дека ако граѓаните ни ја дадат довербата на следните избори, можеме да ја водиме државата како вистинска европска демократија, без корупција – додаде тој.

Воедно, Филипче најави дека политичката партија ПОЕН на Рубин Земон ќе се приклучи кон СДСМ. 

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 5