Општини
Петар Карбински најсреќен на Водици во Пехчево
Петар Карбински е најсреќниот меѓу дваесетината млади пехчевци кои денеска учествуваа во традиционалното осветување на водите на реката Писа и успеа да го фати светиот крст по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Церемонијата се одржа во присуство на голем број верници и граѓани на Пехчево, кои и годинава масовно ја проследија манифестацијата што од година во година привлекува сè поголемо внимание. Дваесетина храбри момчиња влегоа во студените води на Писа, а најумешен и најсреќен беше Петар Карбински.
По фаќањето на крстот, Карбински доби пригодни награди обезбедени од Општина Пехчево, компанијата „Зегин“ и Ресторан и апартмани „Тропик“ – Пехчево.
Градоначалникот на Пехчево Александар Китански му го честиташе успехот и празникот, упатувајќи честитки и до сите граѓани со желби за здравје, љубов, почитување и успешна година.
На настанот му претходеше свечена Богојавленска литургија и водосвет во црквата „Св. Петар и Павле“, каде голем број верници присуствуваа на богослужбата. Отец Горан и отец Љупчо упатија благослов до Петар Карбински и до сите присутни, повикувајќи на меѓусебна толеранција, љубов и духовно единство.
За посетителите на манифестацијата, Општина Пехчево годинава обезбеди топли пијалоци со цел на граѓаните да им овозможи пријатна атмосфера и достојно одбележување на празникот.
Богојавление – Водици е еден од најстарите христијански празници, кој се слави од вториот век и е поврзан со крштавањето на Исус Христос во реката Јордан од страна на свети Јован Крстител. Според традицијата, фаќањето на крстот симболизира духовно прочистување, среќа и благослов за оној што ќе го извади од водата.
јануари 19, 2026


