Регион
Во Атина уапсени двајца Кинези, кои краделе банкарски податоци преку испраќање СМС-пораки
Двајца Кинези се уапсени во Атина кога било утврдено дека преку мобилен систем инсталиран во автомобил и употреба на висока технологија испраќале масовни СМС-пораки и изведувале кражби на банкарски податоци од мобилните телефони на граѓаните, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчките медиуми, уапсените го користеле методот SMS Blaster Attacks, односно напади со масовно испраќање СМС-пораки со злонамерна цел, а како испраќачи се појавувале банки или компании за достава.
Државната телевизија ЕРТ објави дека двајцата кинески државјани користеле специјално адаптирано возило, што функционирало како мобилна станица за кибер-напади, во кое имале инсталирано мобилен компјутерски систем со пристап до интернет, специјална антена поставена на покривот на возилото и софтвер за создавање лажни базни станици на мобилна телефонија.
Со помош на опремата ги збунувале мобилните телефони на корисниците принудувајќи ги да се поврзат на лажната антена наместо на официјалната мрежа на операторите, со што сторителите добивале пристап и испраќале СМС-пораки до мобилните телефони на жртвите, без да се прикажува дека пораките доаѓаат од сомнителен број.
„Катимерини“ пишува дека според надлежните органи, Грција е петтата земја во Европа во која се регистрирани ваков тип напади.
јануари 16, 2026


