Општини
Средба на градоначалникот Владко Грозданов со сопствениците на пицериите од Трговскиот центар блок А
Градоначалникот Владко Грозданов и претставници на Одделението за урбанизам од Општина Кочани денеска остварија средба со сопствениците на пицериите од Трговскиот центар блок А, со цел да најдат најсоодветно решение за проблемот со бесправно изградените монтажни објекти на терасата од источната страна на овој блок.

На средбата, градоначалникот Грозданов потсети на реакциите на станарите од Трговскиот центар блок А за узурпираната тераса и за ширењето на непријатните мириси од кујните на угостителските објекти, се наведува во информацијата доставена од општинските служби.
Градежниот инспектор при Општина Кочани соопштил дека доколку сопствениците ги отстранат своите објекти самоиницијативно, ќе бидат прекинати актуелните кривични постапки во врска со овој предмет. Во меѓувреме Општината треба да понуди унифицирано решение за овие објекти, соодветно на намената и на безбедносните стандарди на јавната површина.

Сопствениците на пицериите од Трговскиот центар блок А, начелно се согласија до крајот на март да почнат со отстранување на објектите. Потоа Општина Кочани треба да обезбеди решение за користење на овој простор согласно актуелните законски прописи, стои во информацијата за денешната средба одржана во кабинетот на градоначалникот Владко Грозданов.
јануари 16, 2026


