Connect with us

Регион

Алцхајмеровата болест во пораст: Во Хрватска 70.000 луѓе страдаат од оваа болест

Хрватска има сè постаро население, според последните податоци, при што бројот на луѓе над 65 години надмина 22 отсто. Освен тоа, околу 70.000 луѓе во засега последната земја што стана членка на Европската Унија, страдаат од Алцхајмерова болест – нарушување коешто предизвикува губење на меморијата и функционалноста. Таа почесто ги погодува жените.

Засега, Алцхајмеровата е неизлечива болест, а превентивните мерки се добро познати. Околу 2.000 вакви пациенти лани беа прегледани во дневната болница и амбулантата на Загрепската клиничка болница.

– Внимавајте на крвниот притисок, внимавајте на мастите, шеќерот, физичката активност, намалете ја телесната тежина, негувајте го слухот и видот кај постарите лица, спречете траума на главата. Населението во Хрватска старее и се очекува дека ќе има сѐ повеќе вакви пациенти, истакна Марина Бобан, невролог, субспецијалистка за невродегенеративни болести.

Дијагностиката е напредна, па траги од болеста може да се откријат и кај здрави луѓе.

– Можеме буквално да ја дијагностицираме болеста од крвта. Тоа може да се направи, но и потребна е претпазливост, треба да се поврзе со клиничките знаци на болеста, додаде д-р Бобан.

Иако е неизлечива – американските научници, истражувајќи ја Алцхајмеровата болест на глувци-заморчиња и на мозочни примероци од пациенти – утврдија дека одржувањето на соодветната рамнотежа на клучниот клеточен енергетски молекул НАД+ може да го промени текот на болеста, а не само да ја спречи нејзината прогресија.

Среќко Гајовиќ, в.д. директор на Центарот за биомедицински истражувања во Шалата, при Универзитетот на Загреб, наглаува оти ова не значи дека неврони се обновуваат, но со оглед на тоа што целата рамнотежа на мозокот е обновена, самиот мозок постепено почнува да работи подобро и ги надоместува претходните загуби со создавање нови невронски врски. Тој, вели, е оптимист, „но она што следи е ужасно тешка задача“, ама сепак, верува дека хрватските научници ќе се справат и со овие загатки во новиот истражувачки центар. 

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 4