Connect with us

Општини

Општина Битола утврди програма и мерки за заштита на животната средина

Општина Битола во 2026 година утврди програма за животна средина за чија реализација ќе вложи 11,5 милиони денари.

Главна цел на програмата е постигнување повисок степен на решавање на состојбите во сферата на животната средина и зачувување на квалитетот на медиумите на животната средина, со што ќе се заштитува здравјето и ќе се подобрува квалитетот на живот на граѓаните.

Според програмата, во претстојнава година локалната самоуправа ќе влијае врз заштитата и подобрување на квалитетот на амбиентен воздух, управување со отпад и намалување на диви депонии во градот и околината, заштита од бучава, подигнување на јавна свест и вклучување на заедницата, но и зголемување на бројот на зелените површини и урбаното зеленило во општината.

Со одлука на општинскиот Совет за реализација на програмата планирани се 11,5 милиони денари, а од нив 1,5 милиони ќе бидат доделени за изработка на стратегија за развој на зеленило, 3 милиони денари за субвенционирање на инвертер клима уреди, еден милион денари ќе бидат доделени за субвенционирање на замена на дограма за домаќинствата, еден милион за субвенционирање на велосипеди, 3 милиони денари за поставување подземни садови за собирање на комунален отпад, а средства ќе има и за други креативни еко-проекти.

Општина Битола во текот на годината ќе преземе посебни мерки за заштита од бучава со мапирање на локации и план на мерење по зони со ноќни и дневни мерења за што освен општински, ќе биде вклучен и тим на Центарот за јавно здравје-Битола.

За ефикасна реализација на програмата ќе се вршат засилени инспекциски надзори и ќе се организираат превентивни и промотивни акции како што се денови без автомобили, денови на пешачка мобилност, стимулирање превоз без емисии и други мерки, потврдија од Општина Битола. 

Ad 3
Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 4