Регион
Законот за забрана за пушење во Грција во голема мера се почитува веќе шест години
– Една од предизборните заложби на грчкиот премиерот Кирјакос Мицотакис пред првиот мандат во 2019 година беше целосно да стапи во сила законот за забрана за пушење, што од јули 2009 неколку пати се гласаше и носеше, но никогаш целосно не беше имплементиран се до пред шест години кога почна и спроведувањето, што тогаш беше заедно со зголемени контроли, особено во кафулињата, јави дописничката на МИА од Атина.
Пушењето е забрането во сите затворени простори во Грција, а казните за прекршување на законот се особено високи, како за пушачите така и за сопствениците на кафулиња, ресторани, клубови и слично: за физички лица од 100 до 1.500 евра во зависност од прекршокот, а за сопствениците од 500 до 10.000 евра.
Паралелно постои и телефонска линија на која граѓаните ќе можат да пријавуваат прекршувања на законот, а пријавите се разгледуваат од надлежните власти за контрола.
Актуелниот закон е од средината на октомври 2019 година, беше проследен со презентација на владиниот Национален акциски план за борба со пушењето со четирите насоки: формирање непушачка култура, почитување на непушачите, грижа и поддршка на пушачите за откажување и заштита на здравјето на граѓаните.
– Кусо пред изборите ја посетив болницата „Атико“. Тогаш, ми остави впечаток еден голем постер оставен на ѕид, на којшто пишуваше: „Во 2009 ги гасиме цигарите“. Единаесет закони, претседателски декрети, министерски одлуки за 10 години, со нула резултати, рече Мицотакис за време на презентацијата на Националниот план во ноември 2019 година.
Сега, нешто повеќе од шест години подоцна, законот за забрана за пушење во голема мера се почитува.
Во кафулињата, рестораните и баровите, во јавните установи, генерално во сите затворени простори, пушењето е целосно забрането, а надворешните делови и летните тераси се специјално уредени со греалки за пушачите во зимскиот период.
Отстапки од законот, односно прекршувања, има во голем дел од ноќните клубови и популарните грчки „бузуки“, односно клубовите во кои настапуваат познати грчки пејачи, а не е мал бројот на баровите во Атина, каде што по 23 или по полноќ дозволуваат пушење и внатре.
јануари 13, 2026

