Вести
Николоски: Македонски експерти работат на стабилизација на свлечиштата и косините на автопатот Охрид-Кичево, вистински инженерски потфат
Преку изградба на така наречени градежни галерии, целосно ќе го стабилизираме земјиштето на клучните сегменти од изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Станува збор за голем градежен и иновативен зафат од 14 галерии, нешто што го нема во целиот регион, истакна во интервју за ТВ Алфа, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, зборувајќи за еден од клучните инфраструктурни проекти во државата.
“Станува збор за најтешкиот дел од автопатот. Се работи во планина, со земјиште кое што за жал се движи цело време и тешко се стабилизира бидејќи е хетерогено и има многу вода. Вториот проблем е што станува збор за височини од 900 до 1.200 метри надморска висина и единствениот начин тоа да се реши се со овој иновативен метод кој што го воведовме со изградба на галерии за стабилизација на земјиштето. Станува збор за два вида на проекти, едниот е со видливи галерии, а вториот кај селото Ботун со внатрешна стабилизација на земјиштето или ќе се влегува внатре од 12 до 16 метри во земјата, нешто што е направено и дизајнирано од македонски експерти и ќе биде изведено од македонски компании”-рече Николоски.
Како причина што доведе ова автопатско решение да се гради толку долго, Николоски го наведе лошото планирање во минатото, потенцирајќи дека тоа и дополнителното стопирање на проектот од претходните власти.
јануари 2, 2026


