Connect with us

Свет

Мачадо: Во Венецуела мора да се оствари „политичка транзиција“

Добитничката на Нобеловата награда за мир и лидерка на опозицијата во Венецуела, Марија Корина Мачадо, изјави дека во нејзината земја мора да се оствари „политичка транзиција“, како и дека „опозицијата е поорганизирана од кога било“, пренесе агенцијата ЕФЕ.

Мачадо се обрати со видео порака на настан на Венецуелско-американската асоцијација во Њујорк. Следната недела во Осло се очекува официјално да ѝ биде врачена Нобеловата награда за мир за 2025 година, иако сè уште не е јасно дали венецуелската опозиционерка лично ќе присуствува на церемонијата.

Опозицијата веќе работи на тоа „што следува“ за да се гарантира дека процесот на транзиција ќе биде „организиран и ефективен“.

– Располагаме со легитимно раководство и јасен мандат од народот, поддржан од меѓународната заедница, истакна таа во своето видео обраќање.

Настанот во Њујорк се одржа во услови на поостра политика на САД кон Каракас, вклучително и воведување санкции и инсистирањето на претседателот Доналд Трамп за целосно затворање на воздушниот простор околу Венецуела.

По тој повод, Мачадо изјави дека венецуелскиот народ страда, но одбива да се предаде. Според неа, опозицијата се спротивставува на репресиите со достоинство и морална сила.

Таа му се заблагодари на Трамп за признавањето дека политичката транзиција е „приоритет“. Мачадо ја истакна и водечката улога на САД во меѓународниот притисок против владата на Николас Мадуро.

– Дали доаѓа промена? Апсолутно, изјави опозициската лидерка, уверувајќи дека „Венецуела ќе биде слободна“.

На состанокот, одржан во просториите на меѓународната адвокатска канцеларија „Клифорд Ченс“, учествуваа луѓе од венецуелската дијаспора во САД, експерти и опозициски активисти. Целта на настанот беше да се зацврсти улогата на дијаспората како група за притисок.

Мачадо исто така ги повика Венецуелците ширум светот утре да учествуваат на марш „за мир и слобода“.

Во меѓувреме, Норвешкиот Нобелов комитет потврди дека Мачадо изразила намера да патува за Осло. Претседателот на комитетот предупреди дека патувањето е со ризик, бидејќи венецуелскиот режим упатувал закани кон Мачадо. Тој изрази надеж дека нејзината безбедност ќе биде гарантирана како за време на патувањето, така и при евентуалното нејзино враќање во Венецуела. Мачадо продолжува да се крие од властите во Венецуела.

Друг опозиционер, претседателскиот кандидат на изборите во 2024 година, Едмундо Гонзалес, живее во егзил во Шпанија, бидејќи против него има издадено налог за апсење. Налогот беше издаден по минатогодишните избори, на кои Мадуро се прогласи за победник. Сепак, опозицијата ги оспорува резултатите. 

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 4